За мене

Здраво и добредојде тука,

Јас сум Елена Џебр, вљубеник во личниот раст и развој и проучување на човековиот ум и душа.

ЕДУКАЦИЈА

Дипломирав психологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а академското образование го продолжив и на магистерски студии по Клиничка и советодавна психологија. Уште како студент започнав со едукација за Гешталт психотерапија  која ме освои и ми го промени животот. Гешталт не е само психотераписки правец, туку начин на живот и живеење во „тука и сега“. Иако сум вљубеник во гешталт психотерапијата, мојата едукација продолжи со Невро Лингвистичко Програмирање (NLP) и обука за животен тренер (Life coach). Во професија како мојата, едукацијата никогаш не завршува, па така редовно посетувам многу семинари и конгреси, како од гешталт, така и од други психотераписки правци, коучинг и НЛП, а голем интерес имам и кон спиритуалноста и алтернативните методи на исцелување.

Сето она кое го учам го поврзувам и со моето лично искуство и патешествие и мојата цел е истото да го пренесам и со другите за да живеат посреќно и поприсутно.

ИСКУСТВО

Почетоците на моето искуство беа поврзани со работа со деца, но и покрај тоа што многу ги сакам, сепак, последните неколку години работам психотерапија со адолесценти и возразни и уживам во тоа. Со клиенти и психотерапија прв пат започнав да волонтирам во 2014 година, па така стигнав до идејата да станам претприемач и да работам самостојно. Претходното искуство во градинки, училиште, здравствени установи и волонтирање ми беше огромна поддршка за да дознаам што е она кое не го сакам за себе. Во моментот го работам она кое го сакам како тренер за лична трансформација, а паралелно сум дел од други организации како надворешен соработник и истражувач.

Психотерапијата и коучингот се поврзани со трансформација, а јас верувам дека животната приказна на секој човек може да се подобри.  Работејќи на себе и инвестирајќи во својот личен раст и развој, патот до нашата трансформација е осветлен, јасен, полесен и поубав.

БЛОГ

Првиот мој блог го почнав во 2016 година на англиски јазик и многу срамежливо го криев од сите. Додека растев бев опкружена со многу книги, а како се развиваше технологијата, почнав да читам и многу блогови за личен раст и развој кои ми беа огромна поддршка. Книгите и блоговите ми помагаа да си го организирам животот подобро, ме инспирираа и поттикнаа да започнам живот каков што сакам да живеам.

После долго време, донесов одлука да започнам со нов блог за личен раст и развој, инспирација и едукација, надвор од социјалните мрежи кои знаат да бидат преплавувачки со информации.

На овој блог на пријателски и лаички начин пренесувам професионално знаење и поддршка.

Не верувам во брзи решенија, кога станува збор за личен раст и развој, но верувам во моќта на секојдневните мали чекори кои ги правиме кои не водат кон подобро и поквалитетно живеење, љубов према себе, верба во себе, почитување, самодоверба, градење на подобри граници и подобрување на односите со другите.

Она што за гасеницата е крај на светот, човекот го нарекува пеперутка.

Процесот на станување пеперутка е долг. За да излезе пеперутка од ларвата треба време и трпение. Ако пробате да ја скинете пред време, наместо од неа да излезе прекрасна пеперутка, таа ќе умре. Процесот на трансформација и созревање бара време, а брзањето многу често го спречува процесот и ја одзема шансата на пеперутката да полета. Понекогаш, за да се создаде нешто ново, потребно е да се расчисти старото и да се остави доволно простор за развој

Да се сакаме и грижиме за себе е најдобриот подарок кој може да им го дадеме на другите кои не сакаат.

Можеме да живееме во свет во кој сите други се виновни за нашата несреќа или да одбереме да гледаме во себе и да станеме главен „виновник“ за нашата среќа.

Затоа, ова место го посветувам на сите оние кои сакаат да се инспирираат, мотивираат, едуцираат и освестат за полесно и побрзо да растат и развиваат во својата животна приказна, но и да креираат една нова, уште поубава приказна по своја желба.

Содржината на овој блог е авторско дело и има информативен карактер. Содржината овде не заменува индивидуален третман, психотерапија, психолошко советување или коучинг. Доколку се соочувате со било каков предизвик, обратете се кај стручно лице или вашиот лекар за индивидуална средба.