Оваа објава е посветена на темата страв од осуда, мислењето на другите и колку овој процес е наша реалност. Многу често добивам пораки во кои се бара мојот став за некоја ситуација. Што да правам? Дали да се разведам? Дали да ја променам мојата работа? Дали да заминам во странство? Што мислите, дали да се запишам на тој и тој факултет?
Како јас би знаела, без да ве познавам, па дури и одлично да ве познавам, која одлука да ја донесете? Одлуката е лична одговорност, а големите одлуки не се носат во склад со сечие мислење, па дури ни со психологот или психотерапевтот со кој се работи. Тој е тука да ве насочи, но не и да одлучи место вас. На ваквите прашања знае да фрустрира одговорот „Не знам, ти што мислиш?“.
Веројатно, овој процес е нормален и развоен додека растеме. Додека сме мали, родителите одлучуваат што е најдобро за нас. Тоа почнува уште во процесот на планирање на бременоста, па дали детето ќе се дои, па како и кога ќе почне со дохрана, па дали и каде ќе оди во градинка, итн.
До која возраст родителите одлучуваа место вас? Дали ви е многу важно нивното мислење и сега?
Кога го „носиме“ стравот од мислењето на другите, прво е многу важно да провериме кои се тие други? Дали се тоа мама и тато, партнерот, децата, пријателите, сестрата, братот? Дали е тоа Перо комшијата и Стојна, на мама пријателката? Од кого се плашите? Да, секако дека мислењето на најблиските е многу важно во одредена ситуација, но истото не значи дека ќе не спречи во носењето на одлуката. Но, дали на Перо навистина му е важно како сте вие? Колку стравот од мислењето на Перо е реален? Ако подобро размислите, стравот од мислењето на Перо е имагинарен страв, нешто како „Ако не седиш мирен, ќе дојде Старо Купујем/ Полицаецот/ Баба Рога да те земе“.
Која е разликата? Како Перо е поразличен од нив? Еве, на местото на Перо ставете го стравот од нечие мислење, нечиј коментар кој ве повредил, нечиј поглед кој не ви се допаднал. Секако, доколку е личност која многу ви значи, голема е веројатноста Перо да не е вистинската метафора за таа личност.
Сте забележале ли колку од нашето време и фокус трошиме на тоа да го контролираме мислењето на другите за нас? Што ли ќе помислат за нас? Многу често, живееме живот кој не го сакаме поради некоја идеја која ја имаме во нашата глава што другите мислат за нас.
Како да го контролираме мислењето на другите за нас?
НИКАКО!
Не може да го контролираме мислењето на другите, дали не сакаат или не не сакаат, дали сме им убави или не, дали сме им паметни или не. Попусто се преправаме дека сме нешто друго за да контролираме некој однос, кога реално немаме влијание врз тоа што се случува со нив.
Ние сме должни само да ги контролираме нашите мисли (кога е тоа можно и потребно), а не е наша работа што мислат другите. Ова е многу олеснувачки, доколку си дозволиме навистина да го пуштиме мислењето на другите, особено доколку се тие имагинарни личности кои немаат допирна точка со нас.
Еве еден пример. Одиш на забава каде има присутни најмалку 10 лица. Сите те гледаат и слушаат, а сите имаат различна перцепција и мислење за тебе. Зошто? Најверојатно, затоа што ние не сме константа . Ниту еден човек не. Секој човек носи своја позадина и искуство. Можеби им личиш на нивната лоша тетка, на мајката, на свекрвата (тешко вас), стилот на облекување не им се допаѓа, а можеби си им многу пријатна, имате ист стил на облекување, слично темпо на живот, слични вредности.
Како да дознаеме зошто другите не не сакаат?
НЕ МОЖЕ ДА ДОЗНАЕМЕ.
Секој со своите преференци, позадина, искуство и вредности. Можеби доколку ви е тоа блиска личност и разговарате и споделите некои искуства, некаде на патот ќе дознаете некоја од причините зошто не ве сакаат. А можеби не.
Дали со овие личности сте автентични и искрени, или се трудите да ги импресионирате и заинтересирате? Доколку не ја покажете вашата вистинска слика, замислете да им се допаднете. Во која слика ќе се заљубат? Во вас или во некоја лажна перцепција? На крајот на денот, повторно ќе останете со истото чувство дека другите не ве сакаат вас поради тоа што сте, туку поради тоа што го претставувате.
*Секако, некогаш постојат многу длабоки корени и чувство на неприпадност кое се проверува и работи на него на психотерапија, но тоа не е дел од денешната тема.
Пробајте да ја покажете вистинската слика за себе. Пример, зборувајте си брзо и гласно, бидете искрени, покажете своја ранливост, изјаснете се за некои строги принципи и мислења кои ги имате. Можете да бидете свои и да немате анксиозно чувство како да се однесувате, што да облечете, како да зборувате, како да седите. Во тој момент, се вклучува природниот филтер и тие кои ве сакаат поради она што сте ќе бидат покрај вас, а оние на кои не им се допаѓате ќе си заминат.
Доколку вие сте јаболко, а некој не сака јаболка, туку сака банани, не е криво јаболкото што не е сакано. Едноставно, другиот сака повеќе банани и тоа е сосема во ред. Или чоколадо?! Сигурно познавате некој кој не сака чоколадо. Ванила? Цимет? Многу е здраво да не не сакаат сите, а и ние да не ги сакаме сите. Многу е здраво некој да не сака јаболко, иако јаболкото е зрело, вкусно, сочно, привлечно и ароматично.
Ова е нешто кое е присутно кај децата, но родителите многу често го потиснуваат овој процес и не им дозволуваат да бираат кого сакаат, а кого не. Сетете се на едно детско игралиште или роденден, неколку дечиња си играат. Дали сите се сакаат? Многу ретко, ако баш се погоди во моментот. Многу често, децата ќе си се групираат. И задолжително ќе дојде некоја мајка „Ама сине не може така, ти и Перо сега мора да си играте, немој да се карате, ајде дај му ја играчката.“ Секако, ова е со најдобра намера, но забораваме дека и децата може да не си се допаднат, како што вас не ви се допаѓа една од мајките на забавата и баш ви е одбивна, а ви треба време да видите што толку ве нервира кај неа.
Веројатно, не постои личност која не сака да е опкружена со релаксирани луѓе кои може да бидат искрени и свои едни пред други. Во ред е да им дозволите на луѓето да ве осудат и да не ве сакаат, исто како и вие што имате предрасуди и не ги сакате сите. Секој од нас си има свои преференци. Во ред е да не сакаш чоколадо, па макар било највкусното и најскапото чоколадо на светот. Зошто да бидете во друштво со некој кого не го сакате, зошто да глумите? Па што ако некој не ве сака?
*Може да се случи овде да станува збор за посебен процес и некоја подлабока причина дека не сме личност која може да се сака и тогаш знае да стане проблематично.
Доколку сте јавна личност, стравот од туѓото мислење може да предизвика анксиозност и да стане преплавувачки, затоа што се зголемува бројот на личности кои не сакаат јаболка и чоколади.
Што е важно да се има кога се соочуваме со страв од мислењето на другите?
Критериуми!
Чие мислење ми е важно?
Нормално дека нема да ме интересира што мојот комшија Перо мисли за моите заби, ама многу ми е важно што мојот стоматолог ќе ми каже за нив. Не ми е важно што мојата сестра мисли за мене како психолог, но ми е важно мислењето на мојата професорка и супервизорка за начинот на кој работам. Не ми е важно што мисли за овој блог мојата другарка, но важно ми е што ќе мислат редовните читатели. И ова е цел круг на што е важно, а што не…
Што се случува овде? Овде доаѓам до делот – критериуми. Доколку имате кариес горе десно на петката, баш ви е гајле што ќе ви каже продавачката во маркет за забите. Но, многу е важно што ќе ви каже вашиот стоматолог и каков третман ќе ви препорача. Секако, доколку истиот е некој кому му верувате, а зошто би имале стоматолог на кој не му верувате?!
Кога работиме на себе и почнуваме да ја прифаќаме личната одговорност, доаѓаме до една точка од развојот каде бираме за нас она што е добро. Бираме личности на кои им веруваме и со кои делиме слични вредности.
Во секој однос постојат критериуми и граници.
Природно е да ни значи мислењето на најблиските, така и треба да биде затоа што ние сме социјални суштества. Постојат критериуми и граници во секој однос и сигурно нема да сме лоши со другите и да правиме што сакаме без да се грижиме ни малку како тоа ќе делува врз нив, но не и за некои важни одлуки кои не влијаат на нив. На пример, важно е и што мојот лекар мисли за моето здравје, но не ми е важно што мисли за мојот стил на облекување или фризура. Важно ми е што мајка ми мисли за мене, но доколку не и се допаѓа овој текст, нема да го избришам. Зошто? Затоа што не е нешто кое влијае врз неа. Секако, доколку напишам текст за неа со нејзини слики, а таа не сака тоа да биде јавно – мое е да ја почитувам таа граница и да го прифатам нејзиното мислење.
Критериумите се многу значајни во целиот процес на тоа чие мислење во кое поле ни е важно. Каде гледам некој кој во тоа поле е авторитет и поседува знаење, компетенција и вештини?
Не, не ми е важно што мојата козметичарка ќе мисли за мојот блог. Како таа е авторитет во тоа поле? Важно ми е како партнерот гледа на мене и моето искажување на љубов, но не и на мојата пријателка која коментира каква сум јас со мојот партнер.Не сме бесчувствителни со другите кога поставуваме критериуми. Напротив, ние ги почитуваме, но постои внатрешен филтер. Тој филтер проверува која личност ми го кажува ова, каква е таа во подрачјето за кое коментира, врз што го темели тоа мислење и колку е стручна за тоа.
Сега малку ќе се вратам на почетокот, на оној имагинарен страв од мислењето на комшијата Перо и Стојна, колешката на мама од работа.
Доколку не постои конкретна личност од која се плашите, туку Перо и Стојна, тогаш многу е веројатно да не станува збор за страв од мислењето на другите, туку за страв од сопственото мислење.
Доколку не постои конкретна личност од која се плашите, туку Перо и Стојна, тогаш многу е веројатно да не станува збор за страв од мислењето на другите, туку за страв од сопственото мислење.
Сетете се на одредена ситуација или одлука и пробајте да именувате од кого се плашите.
Кој би мислел нешто лошо? Ако најдете точно кој, тогаш вклучувате филтер, критериум и компромис. Колку сте вие навистина блиски, колку ве познаваат, врз што го темелат мислењето и слично. Доколку сте многу блиски и станува збор за авторитетна личност, проверете дали тоа мислење може да се промени за да се напредува.
Но, доколку не најдете конкретна личност, тогаш станува збор за страв од вашето мислење и себе почитување. Баш како што се плашевме како деца од чудовиштето под креветот кое не постоело. Иако, понекогаш знаеме точно за која личност станува збор или таа личност ни е значајна, а истата нема авторитет во тоа подрачје за кое коментира, проверете зошто тој коментар толку многу ве боли. Што е толку важно? Дали и верувам на оваа личност? Дали се согласувам со неа? Дали го именува токму тоа што и јас самата го мислам?
Ја гледате тука поентата? Дали тоа било нејзино мислење или е вашето мислење кое оваа личност само ви го потенцирала. Не мора да е вашето мислење, може да е вашата слаба точка, местото во кое не сте добри, вашата ранливост, ниска вредност за себе и самодоверба.
Неколку прашања:
Што искрено мислам за мене во однос на таа тема?
Како да се чувствувам подобро?
Именувајте го вистинскиот проблем – не е страв од мислење на другите, туку благодарение на нив јас дознавам кој бил мојот проблем, мојата несигурност во себе, нешто кое е под стандардот кој јас го сакам за себе и мислам дека го заслужувам, или можеби не се почитувам доволно себеси.
Кога ќе го освестите ова, тогаш сте на чекор кон решавање на проблемот. Веќе стравот од другите не е имагинарен, туку е реален и постои начин да се промени.
Секогаш туѓото мислење ни е патоказ да се запознаеме подобро себеси, да видиме каде имаме застој, несигурност или не сме свесни за нешто што не е добро.
Не можеме да ги смениме другите луѓе, прифаќаме дека тоа нема врска со нас, дека сите не сакаат јаболко и чоколадо, па наместо да ја поправаме сликата која тој ја има за нас, ќе можеме да почнеме да се бавиме со нас.
Луѓето ќе пишуваат свој наратив за тебе кој се базира врз нивното искуство и перцепција. Никој не може да ја напише твојата приказна затоа што само ти ја знаеш вистината!