Многу често слушам критики за личности кои се грижат за себе. Се нарекуваат себични, нарцисоидни, самобендисани, лоши, злобни… Секако дека постојат личности кои достигнуваат и таква поларност, но грижата за себе нема себична позадина. Односно, грижата за себе е најдобриот темел за грижата за другите. Доколку не се грижиме добро за себе, со текот на времето нема да можеме да се грижиме ни за другите. Доколку сте мајка, запомнете го ова добро. Кога мама не се грижи добро за себе, нема капацитет да се грижи добро и за своето дете.
Да си помогнеме прво себеси
Дали сте летале некогаш со авион? Сетете се на мерките за претпазливост во авион пред полетување. Стјуардесата советува маската со кислород да ја ставиме прво кај себе, а потоа да помогнеме и да ја ставиме на личноста покрај нас. Што значи, мајката прво себе си ја става маската со кислород, а потоа кога ќе биде стабилна му ја става и на своето дете. Можете да ја замислите спротивната ситуација? Каде прво ќе ја стави на детето, па најверојатно ќе се угуши и нема да успее да ја стави кај себе. Секако, детето не би имало капацитет да го направи тоа за својата мајка. Ова е една од најдобрите метафори кога станува збор за грижата за себе и менталното здравје – доколку ние самите не можеме да дишиме, не можеме да им помогнеме на другите.
За да бидеме ефективни за другите мораме да се ставиме себеси на прво место, како не би дошло до недостаток на капацитет, енергија и воздух. Постојат многу професии чија примарна цел е помагање на другите и истите се најмногу на удар за доживување синдром на согорување. Зошто? Најверојатно затоа што давајќи на својата работа, а потоа на партнерот, децата, семејството, останува многу малку време за себе и доаѓа до психо – физичко прегорување.

Како изгледа грижата за себе?
Грижата за себе може да изгледа целосно различно кај различни поединци, како и во различни периоди од животот. Затоа, грижата за себе не е нешто кое може да се ископира од другите. Мојот начин како се грижам за себе нема да е соодветен и за тебе. Не сме иста личност, немаме исто семејство, немаме иста професија или интензитет на работа, немаме ист организам, немаме ист праг на толеранција, итн. Во книгите за самопомош има многу “tips and tricks” како да се грижиме за себе. Сите тие препораки се одлични, но не и да се земат здраво за готово.
Грижата за себе може да се подели во многу различни полиња во животот. Јас ќе споделам две поделби кои, по мене, се најзначајни и може да ви бидат од помош.
Првата поделба е онаа за четирите главни полиња на благосостојба:
- Физичка благосостојба (физичка активност, здрава исхрана, одмор, спиење, хигиена, релаксација)
- Психичка благосостојба (читање, учење, медитација, визуелизација, перформанс, опкружување)
- Емоционална благосостојба (процесирање, ослободување од токсични емоции, лекување на раните, емоционална интелигенција, благодарност)
- Душевна благосостојба (намалување на егото, поврзување со вистината, едноставност во животот, релација со боженственото)
Предлог вежба:
Обидете се да го поделите животот во овие четири полиња на лична благосостојба. На лист хартија направете четири колони и во секоја напишете си личен план и рутина за секое поле, како би постигнале подобар баланс. Напишете ги работите кои сакате да ги практикувате како би го постигнале вашиот потенцијал.
Втората поделба мене ми е лично подрага. Не затоа што првата не е добра, туку затоа што втората е многу попрактична и мерлива. За да проверите каква е вашата лична добросостојба, поделете го живеењето во 12 полиња. Може на лист хартија да направите 12 колони хоризонтално, а до секоја од нив да ставите број од 1 до 10. 1 означува најмалку, 10 најмногу. Ова ќе биде скалата на вашата добросостојба која предлагам да ја правите редовно, секој месец, за да можете да балансирате и одржите свесност кое поле е запоставено и каде можете да се посветите повеќе.
- Физичко здравје
- Исхрана и суплементи
- Емоционална состојба
- Самодоверба
- Личен раст и развој
- Околина
- Семејство
- Социјални односи
- Партнер
- Кариера
- Финансии
- Радост, игра и авантура
Кога ќе напишете броеви од 1 до 10 на секое поле, ќе имате јасна слика каде најмалку се грижите за себе, а каде сте добри. Идеално е бројките да се исти во секое поле, но совршен баланс не постои и не е возможно да постои. Во ред е некое поле подолг период да е запоставено, но важно е да бидете свесни дека тоа е така. Доколку сте родител, може да додадете уште едно поле кое ќе биде поврзана со децата.

Прашања кои носат свесност
Како можам да давам приоритет на мојата добросостојба и да го правам она што е најдобро за мене?
Кои се моите идеални навики за грижа за себе?
Кое поле во животот често го игнорирам?
Кои ветувања си ги давам себеси за да ја заштитам мојата енергија и да останам доследна да искусам што повеќе активности кои ми носат радост?
Ова се неколку прашања кои може да бидат огромна поддршка во процесот на грижата за себе.
Доколку сакате да имате работни листови со овие вежби и прашања, пишете ми порака и ќе ви ги испратам на вашата електронска пошта.
Додека не ги задоволиме своите потреби ние не даваме од срце на другите, туку од одредена потреба да добиеме нешто и ние самите, како и тоа да бидеме уважени и некој да ни врати за да се почувствуваме потребно, моќно, сакано, инт.
Во нашето општество, вредноста на жената се проценува според тоа колку другите се задоволни од она што таа го дава и токму затоа жената станува жртва. Таа всушност со таа добрина која ја дава сака да се грижи за себе, па длабоко во себе си вели, ако јас се грижам за другите и тие ќе се грижат за мене. Односно, јас не давам за нив, туку давам за себе, за јас да се чувствувам добро и да добивам потврда дека сум добра мајка/сопруга.
Наша одговорност е што и колку ќе примениме за себе, а што ќе смениме, без разлика што ова е нештко кое е вкоренето трансгенерациски кај нас – што значи да се биде добра жена.
Важно е да се знае дека нашите задоволени потреби се нашиот темел и само тогаш можеме да даваме на другите без да се „срушиме“.
Грижата за себе нема да ги исклучи другите луѓе од нашиот живот и не е исто што и себичност. Уверувањето дека не ме интересира мислењето на другите и не ме кочи во остварување на одредени акции не значи дека не се грижам за луѓето и дека немам чувства. Живеење по своја мера не значи дека другите луѓе не ни се важни.
Времето го губиме затоа што мислиме на другите луѓе, зборуваме за нив, ги анализираме, даваме заклучоци дека сигурно успеале затоа што се себични, не мислат на никој околу нив, сигурно тие не се заморуваат со ситници, работата им е полесна, немаат х број на деца и сл. Забораваме дека тоа е всушност, дисциплина, време, организација и акции кои се поразлични од нашите. Личност која не се грижи и за другите не може да е успешна, особено на работно место.
Ако не ни се задоволени потребите не можеме да ги слушнеме туѓите потреби туку сме во себе, преоптоварени со сопствените незавршени мисли, работи, тежини, незадоволени потреби.
Затоа е важна инвестиција во себе особено кога работиме со луѓе, за да можеме да се ставиме во туѓи чевли и да имаме емпатија, како би им служеле подобро на другите.
Ако не можеме да гледаме во одредена емоција на другиот и ни сметаат тагата, лутината, болката, плачот и сл. кај некого, веројатно тоа го носиме во себе како неразрешена работа.
Затоа многу клиенти и пријатели ме прашуваат „Како работиш со мене, не ли те вознемирувам“; „Како успеваш по цел ден да слушаш тажни приказни и да си добро“…
Тоа е затоа што работам на себе и емоциите. Далеку од тоа дека психолозите и психотерапевтите се роботи. Знае нешто премногу да не допре, па и да не расплаче на средба со клиент. Разликата е што, најчесто, имаме свесност да работиме на тоа на лична терапија и на супервизија. Кога нешто кај другиот премногу не допира, дефинитивно е нешто кое го имаме и ние во себе. Грижа за себе значи да се грижиш за своите потреби и емоции за да не ги проектираш врз другите луѓе.
Грижата за себе ја правиш со намера да се сакаш себе, без да ги повредуваш другите или да земаш нешто од нив, како и поставување на здрави граници.
Мислам дека ова е тема на која може да се пишува бесконечно многу. Одлучив овде да завршам, а во некоја наредна објава ќе продолжам да пишувам на истата тема, од друг агол.