Многу познати и успешни личности пишувале редовно дневник за да ги следат своите мисли, емоции, идеи и изуми. Веројатно нема психолог кој не препорачува водење на дневник, а позади тоа се кријат многу бенефити.
Јас прв пат се запознав со водењето на дневник за себерефлексија на факултет преку предметот ,,Личен развој” кој сè уште ми е омилен предмет. Тоа беше изборен предмет, но верувам дека ќе стане и задолжителен, затоа што секој психолог мора да помине прво низ личен раст и развој за да може да биде од помош на другите. Дел од литературата со која се служевме на овој предмет беше прекрасната книга ,,Бидете сам свој психотерапевт” која сега ја имаме во книжарите. Тогаш се служевме со српска верзија, не можеше да се најде кај нас. Тоа е книга со вежби за личен раст и развој која дефинитивно води во светот како една од најуспешните. Авторот на книгата е гешталт психотерапевт и тоа ја прави навистина посебна.
Првата вежба која ќе ја најдете таму е токму водењето на дневник. На предметот имавме задача цела година да водиме дневник. Првото правило беше да внимаваме каде ќе го сокриеме дневникот. Зошто? Затоа што дневникот е место каде можеме да ги испишеме најдлабоките чувства и емоции, најинтимните мисли и најголемите соништа. Доколку имаме чувство дека некој друг ќе го чита, најверојатно нема да бидеме целосно искрени. Но, доколку сме сигурни дека никој друг нема да го види тоа, дневникот ќе служи како најдобрата алатка за себерефлексија и личен раст и развој.
Може да се користите со својата креативност додека го пишувате. Дневникот не е нешто кое мора да биде на хартија. Може да биде на било која апликација која лесно ќе ја заштитите со лозинка. Доколку сакате да цртате и боите, дневникот може да биде ваше прекрасно ремек дело. Може да се служите со боички, со исечоци од списанија, да лепите интересни материјали и текстури. Самото креирање делува смирувачки и поттикнува креативност и релаксација. Но, доколку немате доволно време и вакви креации не ве исполнуваат, доволно е само да пишувате.

Што претставува дневник за саморефлексија?
Дневникот за саморефлексија е место каде секојдневно може да се слушнете себеси. На ова место може да се запишат сите најцрни денови и тајни, секојдневни емоции, мисли, проблеми, благослови, двоумења, интереси, случки, итн. Важно е само да бидете искрени со себе, да се опуштите и да го извадите од себе сето она кое ве притиска.
Во овој дневник може да ги запишете вашите најголеми соништа, цели, планови, нешта кои многу ги посакувате, поуки, пораки, цитати, неиспратени писма и одговори на многу прашања за личен раст и развој. Со тек на време ќе стигнете до пишување на потиснатите емоции, ќе успеете и полесно да се организирате, но и да се запознаете себеси подобро. Она што е многу интересно, после одреден период на редовно пишување, ќе имате можност да направите проценка кои емоции и мисли доминираат изминатиот период, кои се вашите најголеми застои, кои се вашите предности, кои се вашите успеси. Убаво е кога ќе се вратите назад и ќе видите колку многу сте се промениле. Некои работи ќе ви се чинат дури и смешни. Ќе се изненадите колку се менувате за краток временски период.
Не заборавајте на правилото за пишување на дневник – како, кога, каде и да го водите дневникот, важно е да бидете комплетно искрени и да бидете сигурни дека никој друг нема да го најде и прочита.
Тоа е единственото правило, другото е оставено на вашата креативност, потреба, имагинација.

Бенефити на водењето дневник
Постојат огромен број на бенефити од водењето на дневник. Некои зависат и од начинот на кој истиот го водите, како и од периодот во животот во кој се наоѓате. Мојот дневник изгледа многу обично. Јас не сум многу креативна и вешта со цртање, лепење и декорирање, па затоа го користам само за пишување. Како малечка цртав многу убаво и тоа беше нешто кое ме исполнува, но во овој период од животот, цртањето не е нешто кое ме опушта. Не сум ригидна, свесна сум дека можеби многу наскоро ова ќе се промени, но во овој момент, за да останам доследна, мојот дневник е обична тетратка која делува многу непривлечно за било кој да се посомнева дека е местото каде се наоѓаат моите најдлабоки мисли и емоции. Зошто го споделувам ова? За да бидете доследни во пишувањето на дневник, важно е да експериментирате и да проверите во овој момент што е она кое е најдобро за вас. Доколку се одлучите да цртате, а немате доволно време, многу е веројатно дека ќе се откажете. Доколку само пишувате, а сте визуелен тип и сакате да се изразувате низ бои, слики и текстури, класичното пишување може да ви биде здодевно и непродуктивно. Затоа, најдете го она кое за вас е најдобро во овој момент и уживајте во процесот. Можете и да комбинирате техники, но пожелно е да пишувате секој ден, како дневникот би станал дел од вашата рутина и нема да го заборавате.
Во продолжение, дел од најважните бенефити на пишувањето на дневник:
- го смирува и прочистува умот
- ослободува од потиснати емоции и секојдневен стрес
- ослободува од негативни мисли
- ги уважувате вашите искуства и емоции
- го следите процесот и прогресот
- ги подобрува когнитивните функции
- остава простор да се проверат вашите мисли и емоции преку менување на перспективата
- помага полесно да се остварат целите
- се зајакнува и зголемува самодовербата
- се подобруваат способностите за пишување и комуникација
- се намалува анксиозноста
- се намалува стресот
- ја зајакнува меморијата
- служи како одличен потсетник
- служи како место за инспирација
- го зголемува оптимизмот
- ја зголемува среќата и добросостојбата
- ја поттикнува и зголемува креативноста
- помага да се добие визија за животот
- помага да се идентификуваат нешта кои големи се шансите да се потиснат и да не ги забележите
- помага да ги пронајдете мисловните процеси зад вашите блокади
- го зголемува целокупното чувство на благодарност за сето она кое го имате
- ви помага да најдете ваш стил на изразување и комуницирање
- помага да се справите со „големите“ чувства на здрав и безбеден начин
- помага во носење на одлуки
- помага да живееме поприсутно
- помага да останете мотивирани, итн.
Ова се само дел од бенефитите на пишувањето на дневник. Постојат уште многу други. На пример, постојат неколку истражувања кои докажале дека пишувањето на дневник го подобрува имуниот систем кај човекот. Најверојатно, ова се должи на ослободување на потиснатите емоции, нивно уважување и давање некаква структура. Нешто кое е многу важно е токму тоа дека водењето на дневник помага да учиме од нашите искуства. Рефлексија на она кое сме го научиле го прави искуството многу продуктивно. Кога пишуваме што ни се случило денес, многу е поверојатно дека ќе напишеме неколку лекции на кои не научил денешниот ден. Друг бенефит кој е многу интересен и е поддржан од повеќе студии е тоа дека водењето на дневник помага да спиеме подобро. Доколку патите од несоница, пробајте да пишувате дневник пред спиење.
Водењето на дневник ни помага да ги решиме полесно нашите проблеми. Доколку водите дневник доволно долго, многу е веројатно дека ќе се изморите да пишувате за истиот проблем, па природно ќе почнете да барате решенија за истиот.
После доживување на било каков трауматски настан, пишувањето на дневник помага многу да се надмине траумата. Многу често, пишувањето помага да се препознае траумата и истата да добие смисла. Но, потребно е да се пишува најмалку 6 недели за да се забележат резултати.
Верувам дека постојат уште многу други бенефити од пишувањето на дневник. Дали можеби е време да започнете со вашиот уште денес?
