Неколку моќни техники на пишување дневник кои може да ги почнете веднаш

Сите имаме различни причини зошто почнуваме да пишуваме дневник, како и зошто почнуваме свесно да чекориме по патот на свесен личен раст и развој. Не постои само еден начин да се води дневник, а верувам дека одличен доказ за тоа се тинејџерските дневници кои многу од нас ги имаа. Секој различен, уникатен и прекрасен на свој начин. Во продолжение ќе споделам неколку моќни техники на пишување дневник кои можете да ги почнете уште веднаш.

Слободно пишување

Слободно пишување значи да ги пуштиш своите мисли да течат. Не се трудиш да ги поправиш, не се обидуваш да ги насочиш, не се обидуваш да ги промениш. Слободното пишување ми е мене лично многу драго затоа што не се обидуваш да се вратиш назад и да поправаш, да бараш грешки, како си го напишал, правописни грешки, граматички грешки, совршени фрази. Едноставно, пишуваш да се опуштиш и испразниш од сите мисли кои натежнале, а не за другите да прочитаат колку прекрасни реченици споделуваш и каква мудрост се крие позади. Оваа техника на пишување нема правила. Може да се постави аларм за одреден период, може да се одвива спонтано доколку имате многу време, може да се постават одредени цели колку страници да се испишат, итн. Односно, не е дека не постојат правила, туку правилата ги поставува оној кој се одлучил за оваа техника. Може да се опишува денот, околината, да се сподели бура на идеи, акутен проблем со кој се соочува личноста, моментални мисли и емоции, приказни, итн.

Зошто слободното пишување e моќно?

Можеби една од главните причини зошто слободното пишување е моќно е тоа што помага да излезат на површина потиснатите емоции. Исто така, помага да се испразнат сите измешани мисли и на тој начин да се средат и донесат во некој ред. Пишувањето на хартија помага да допреме до нашиот искрен и нецензориран селф. Слободното пишување е моќно затоа што помага во процесот на себе – прифаќање. Колку повеќе и подолго пишуваме, толку подобро се прифаќаме себеси, нашите мисли, емоции и искуства.

Слободното пишување е процес на вадење и уважување на она што сме, а не на она што сакаме да бидеме и да го претставиме пред другите.

За да одлучите во кој дел од денот да пишувате, најдобро е да проверите кои се вашите потреби. Доколку патите од инсомнија, најдобро е да е тоа пред спиење. Доколку сте анксиозни во текот на денот, најдобро е рано наутро кога ќе станете. Но, на крајот на денот, важно е да пишувате редовно, не е важно колку, кога и каде.

Уметнички дневник

Доколку сте повеќе визуелен тип на личност, уметничкиот дневник е одличен избор. Што е тоа уметнички дневник? Тоа е дневник кој ќе го исполните со боички, цртежи, слики, ваши креации, суво цвеќе, итн. Во него лесно може да се експериментира. Не постојат правила ниту за овој вид на дневник и не постои правилен начин да се направи. Може да биде мешавина од ваши цртежи и текст, а може да биде само визуелен дневник. Гледајте на него како платформа за искажување на вашата креативност, идеи, инспирација и релаксација.

Доколку сакате да ја поттикнете креативноста, ова е одличен избор за вас. Цртањето и боењето многу помагаат да ја допрете вашата креативност и да го разбудите детето во себе, доколку сте го заборавиле некаде далеку во минатото. Не е потребно да сте уметник и да сте талент за цртање за овој дневник. Напротив, поентата е да ја разгорите креативноста, истовремено одржувајќи ја и фината моторика. Затоа е одличен и за постари лица. Цела среќа што овој визуелен дневник не е на Инстаграм, па не мора да се грижите дали ќе им се допадне на другите и колку лајкови ќе имате. Уживајте!

Утрински дневник

Како што кажува и самото име, ова е дневник кој се пишува само наутро. Поентата на утринското пишување е да се подготвите за денот пред тој да започне. Односно, пред да започнат дневните работни или домашни задачи, да имате време и простор да се подготвите за денот и да навлезете во него со чист и бистар ум. Убаво е кога се пишува дневник наутро бидејќи ваквото пишување е многу поверојатно да премине во рутина. Повеќето истражувања докажуваат дека утринското пишување помага да се ослободи креативноста и да се надминат барикадите кои ги носиме од нашите мисли и емоции. Всушност, ова пишување помага да се разбистри мозокот наутро како би можеле подобро да планираме и размислуваме понатаму.

Списоци

Овој вид на пишување е одличен за организација. Списоците ни помагаат и да ја следиме состојбата на нашиот личен раст и развој, финансии, блиски врски со другите луѓе, напредок, пријателства, хоби, хавики, итн. Списоците може да се прават еднаш дневно, неделно, месечно, годишно, итн. Многу зависи што сакате да постигнете и со која цел ги пишувате. Овој начин на пишување е многу убав затоа што не одзема многу време, а служи како одлична алатка за себерефлексија. Овој начин на пишување многу помага да се организираме и да ги паметиме важните нешта во нашиот живот.

Идеи за пишување списоци:

  • список на цели кои сакаме да ги оствариме
  • список на вашите вредности
  • список на нешта кои ве мотивираат
  • список на теми кои сакам да ги разгледам на психотерапија
  • список на книги кои сакаме да ги прочитаме ( или веќе сме ги прочитале )
  • список на филмови/ серии кои сакаме да ги гледаме
  • список на рецепти кои сакаме да ги пробаме
  • список на рецепти кои редовно ги користиме
  • список на ресторани, кафулиња, места кои сакаме да ги посетиме или сме ги посетиле
  • список на нешта кои не релаксираат
  • список на навики кои сакаме да ги промениме
  • список на облека која сакаме да ја донираме/купиме/фрлиме
  • список на цитати и мудри мисли
  • список на напредок на нашите деца (доколку сте родител)
  • список на храна која сте ја изеле тој ден
  • список на фитнес рутина за тој ден
  • список на финансии
  • список како план за штедење
  • список на подобрување на домот
  • список како план за чистење на домот
  • список на важни датуми
  • список на места каде сакате да одите на одмор
  • список на пакување, итн.

Нема крај, нели?

Неиспратени писма

Ова не е само техника на пишување дневник, туку и одлична вежба за затварање на некои големи процеси кои не мачат. Убавината на вежбата е што писмата никогаш не треба да се пратат и тоа прави да бидеме потполно искрени и опуштени. Доколку ви е потребно затварање на одреден процес, збогување, простување, споделување на тајна, оваа вежба е одлична за тоа, а може да биде и моќен дневник на кој ќе му се навраќате по потреба. Како пример, може да пишете писмо до ваш родител, поранешен партнер, пријател, почината личност, итн. Самото писмо кое го пишување ќе го уважи сето она кое останало недокажано и сите зборови кои внатре ве притискаат ќе го најдат патот до надвор. Може да се писма ина благодарност до одредена личност, па на тој начин ќе ја смирите лутината освестувајќи ги сите позитивни аспекти.

Многу е полесно да се искажеме кога тоа го правиме на хартија отколку во реална средба со личноста. Ова ни помага да се ослободиме од заробените емоции, а може да служи како одлично место да се извиниме на сите личности на кои сме им згрешиле, а можеби немаме реална можност да стапиме во контакт со нив.

Но, освен пишување на содржина која не измачува и ја потиснуваме, овие писма можеме да ги пишуваме до себеси. На пример, писмо до идната јас, писмо до Елена кога била дете, писмо до Елена кога била тинејџер, итн. Може да е писмо пишувано од вашата мудра идна „јас“ до сегашната „јас“. Постојат многу идеи за ваков тип на писма, искористете ја вашата фантазија и вашата моментална потреба.

Дневник на негативни мисли

Доколку се соочувате со наплив на негативни мисли, овој тип на дневник е многу моќен начин да се справите со истите. Во било кој момент кога мислите ќе се натрупаат и ви станува неподносливо стресно, овој дневник може да се отвори и да се напишат истите. После вентилирање на сите мисли, размислете колку се тие реални. Дали овие мисли се навистина реални? Колкава е реалната шанса да се случат? Што е најлошото нешто кое може да се случи доколку овие мисли се остварат? Дали ќе ви биде важно тоа после неколку месеци или години?

Ова е одлична брза техника за справување со негативен наплив на мисли и анксиозноста која ја носат. После одредено време ќе забележите како се намалуваат и многу побрзо и полесно се справувате со нив.

Дневник на лутина

Лутината е нормална емоција, би рекла и многу пожелна. Зошто? Затоа што лутината е емоција која е значајна за границите, кога ја чувствуваме се ,,одделуваме” од другите. Затоа таа е толку честа во втората и третата година кај децата, како потреба да се оддели детето од родителот. Кога во овој период не му се дозволува на детето да се лути или на неа се реагира многу негативно, детето бара начин да ја потисне или престанува да поставува здрави граници што знае да претставува голем проблем понатаму во текот на животот.

Лутината е здрава, нормална емоција. Ако сме лути не значи дека го прекинуваме односот со некого, не значи дека го мразиме, дека не го сакаме или почитуваме. Не значи ни дека не сме сакани или дека сме лоша личност. Лутината често ја поврзуваме со агресија, која всушност се манифестира во таква форма само доколку не била дозволена во домот и премногу се притискала, или пак тоа е единствениот начин на кој сме ја гледаме додека растеме.

Постојат многу здрави начини на изразување на лутина и ниту еден од нив не е поврзан со некаква деструкција. На моите клиенти често им предлагам да пишуваат дневник на лутина, наместо на благодарност. Не можеме да стигнеме до највозвишена емоција доколку прво не си дадеме на лутината и целиот друг спектар на емоции.Лутете се почесто, уважете ја, дозволете си да поставите граници и да и дадете време да помине. Лутината не е лоша емоција! Секако, тоа не значи дека таа ќе остане постојано присутна. Напротив, кога ја вадиме, уважуваме и гледаме, ние дозволуваме таа побрзо да исчезне и си дозволуваме да ја пребродиме. Ваков дневник е одличен доколку работите на личен раст и развој, бидејќи ви дава реална слика за тоа каде постојат застои, неразрешени емоции и конфликти. После одреден период пишување, верувам дека ќе успеете да надминете многу конфликти и да стигнете до следниот дневник, а тоа е дневникот на благодарност.

Дневник на благодарност

Овој тип на дневник е многу популарен. Најверојатно со добра причина. Доколку се соочувате со отпор да пишувате ваков дневник, не се притискајте. Навистина е тешко да се пишува за благодарност, додека „куќата гори“. Потребно е да се изгаси огнот, па потоа ваквиот дневник може да стане реалност и да не се појави голем отпор. Ваков дневник помага и во борбата со депресија, како и зголемување на самодовербата.

Огромен број на истражувања докажуваат дека запишувањето на нештата за кои сме благодарни носи огромни бенефити и го менува нашето живеење на подобро. Стануваме посреќни, попродуктивни, стресот се намалува и сме посмирени. Дневникот на благодарноста е одличен за да се потсетуваме на сето она кое веќе го имаме, како би останале присутни и свесни дека навистина не ни се потребни многу нешта за да бидеме среќни.

Кога подолго време го пишувате, идеално е да го правите тоа со длабоко размислување. На почеток, најчесто, се пишува за сите очигледни нешта кои ги имаме, но со текот на времето може да се стави фокусот на една, две или три работи на кои сте благодарни, а истите не се така очигледни. Поентата на овој дневник не е да се прави механички како дел од вашата to do листа. Напротив, дајте си доволно време за да го правите ова. Најдобро е да се практикува еднаш или два пати неделно, како работите кои ги пишувате не се само завршување на работна задача, туку навистина ги чувствувате.

Дневник на поуки

Доколку сте премногу организирана личност, дневникот на поуки е нешто кое можеби веќе и го поседувате. Што научив денес? На што ме научи оваа ситуација? На што ме научи оваа загуба?

Замислете да имате место на кое пишувате за сите научени поуки и мудрости. После неколку години, ова е книгата на вашиот живот која би била одличен подарок и за вашите деца. Истата може да ја исполните со инспиративни и поучни цитати кои вам ви се допаднале. Можеби ќе испадне толку добро ремек дело што во иднина ќе ја издадете како ваша книга. Освен мудрости кои сте ги научиле низ лично искуство, ова може да е дневник каде ќе запишете и мудрости кои ги учите од другите луѓе, книги, филмови.

Дневник за планирање на денот

Ова е краток дневник кој може да се прави доцна навечер или рано наутро. Замислата е дека ќе одделите неколку минути да запишете целосен план за денот пред вас. Што е она кое е приоритет и мора да го завршите, кои се останатите работни задачи, организација на времето, што ќе јадете, итн. Добрата организација е пола завршена работа.

Дневник на сонови

Доколку сакате да се анализирате, работите на себе или посетувате психотерапија, запишувањето на соништата е одлична и многу моќна алатка да навлезете во вашата подсвест. Соништата секогаш ни носат одговори на многу наши животни дилеми и во нив се крие многу мудрост. Кога ќе ве разбуди некој сон запишете го во овој дневник. Доколку се потрудите, можеби ќе успеете и самите да го протолкувате значењето кое овој сон го носи за вас.

Вечерен дневник за рефлексија

Исто како и утринскиот дневник, ова е дневник за рефлексија на денот кој е идеално да се води навечер. Помага да се одржи свесноста за себе, како и да се поттикне поприсутно живеење. Во него може да се запише како поминал денот, што сте правеле, мислеле, чувствувале. После одреден период ќе бидете многу посвесни како изгледа вашето секојдневние и многу полесно ќе можете да воведете промени во истото.

Дневникот за слободно пишување е нешто кое може да ги содржи сите техники на пишување кои ги наведов. Затоа, тој е нешто кое јас го практикувам редовно. Но, доколку се одлучите за пишување на дневник, ве поттикнувам да размислите што е она кое за вас е приоритетно и ќе донесе најголем бенефит во овој момент.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *