Првиот чекор кон промена – зошто не преземаме акција?

Доколку го читаш овој текст, длабоко верувам дека си на одличен чекор кон промена во твојот живот. Како го знам тоа? Затоа што правиш акција која ќе ти донесе ново искуство во животот. Но, зошто оваа акција не е доволна за промена на твојот живот? Кој е првиот чекор кој треба да го направиш доколку сакаш да го промениш и креираш твојот живот? Во овој пост ќе споделам кој е тој прв чекор кој не носи кон промена, како и причината поради која не преземаме акција во животот.

Животот е убав. Да, навистина е убав. Важно е да се научи како да се гледа таа негова убавина и покрај сите искушенија и предизвици кои ни ги носи.

Од оваа моја перспектива, навистина ми беа потребни многу години за да се чувствувам задоволно со тоа што го правам. Пред неколку години водев англиски блог на кој пишував на истата тема. Пред да почнам со овој текст денес, прво го прочитав тоа што тогаш сум го напишала. Со повеќето нешта кои се напишани јас се согласувам и ден денес, но голем дел од тоа би го претставила на различен начин. Мојот ум денес е проширен, свесноста е зголемена, искуството е збогатено. Тоа не значи дека пред неколку години не сум била задоволна со себе, но денес го имам достигнато тоа што тогаш сум почнувала да го креирам, а верувам дека за неколку години за истата тема ќе пишувам од една поинаква перспектива која ќе биде многу збогатена. Зошто го споделувам ова? Ние секојдневно растеме и се развиваме. Во животот не постои една точка на личен раст и развој која е највисока. Секогаш постои простор за развивање и збогатување со поголема мудрост. Па така, тоа што во одреден момент ни се допаѓа, во одреден момент може да ни биде веќе одамна надминато.

Нешто кое јас го научив по потешкиот пат е важноста да се има ментор во животот. Секако, на оваа позиција се најчесто родителите, но родителите е многу тешко да бидат објективни, а многу често се случува детето да има поголеми соништа и аспирации од нив. Додека се бараме во животот, најверојатно ќе направиме многу „грешки“, ќе зачекориме по патишта кои не се за нас и ќе смениме многу ментори. Убаво е да се менуваат личностите кои ги гледаме како ментор затоа што на тој начин учиме многу и гледаме низ повеќе различни перспективи.

Ова е нешто кое јас го научив кога покрај гешталт психотерапијата, почнав да учам за животен тренер (life coach) и невро лингвистичко програмирање. И покрај тоа што најмногу работам со гешталт психотерапија, јас дознав многу за себе кога променив насока во мојот живот. Не се откажав од првото, напротив, успеав да ги поврзам сите убави работи во нешто кое мене ми служи. Но, морам да нагласам дека она кое мене ми служи не значи дека ќе ти служи и тебе. Тоа што е добро за мене, не мора да значи дека е добро и за тебе. Затоа, кога споделувам искуство, не го правам тоа за да ти кажам како е правилно. Напротив! Тоа го правам за да те инспирирам и мотивирам да го најдеш најдобриот начин за тебе.

Верувам дека секој го има капацитетот да се промени и да расте.

Кој е првиот чекор кон промена?

Првиот и единствен чекор кон промена е свесност за одредена ситуација.

Свесност за тоа што е, подоцна води до прифаќање. Само доколку сме свесни дека нешто постои ние имаме капацитет да го прифатиме и промениме.

Процесот на психотерапија е таков што првиот чекор кој го правиме со клиентите е да се освестат за одредена појава. Доколку нема свесност, нема промена, нема работа, нема контакт. Свесност и прифаќање на тоа која сум јас.

Многу лесно звучи, нели? Но, да се освестиме во животот е навистина многу тешко. Да бевме сите свесни за сите нешта и во секое време, веројатно ќе постоеше совршенство. Да се биде свесен е навистина тежок процес и бара многу работа на себе, време и енергија. Токму затоа е навистина тешко да се промениме.

Ако зборувам од лично искуство, јас и порано секогаш знаев како некој може да живее подобро, но јас самата ретко кога тоа го применував. И сега не сум многу подобра. Многу сум посвесна за одредени појави, но далеку од тоа дека сум свесна постојано. На сите ни е полесно да му најдеме решение на другиот, но за нас е тоа навистина тешко затоа што постојат мисли и емоции кои не измачуваат и кои ни ги покриваат очите со превез како не би имале убав поглед на нештата. Работата на себе и освестувањето знаат да бидат многу болни и тешки. Затоа и психотерапијата не е место каде што секогаш е многу удобно. Напротив, знае да боли и пече. Кога не сме подготвени, тешко ни е да останеме на тоа место каде што многу не боли и полесно е да го вратиме превезот на очите.

Првиот чекор кој промена е свесност. Вториот чекор е прифаќање.

Свесноста е како сонцето. Кога ги осветлува нештата, тие се трансформираат. – Thick Nhat Hanh

Не е возможно да промениш нешто кое не знаеш ни дека постои. Алкохоличар не може да престане да пие алкохол доколку не е свесен и не прифати дека е зависник. Пушач не може да престане да пуши цигари доколку не се освести и прифати дека е зависник. За сите нешта во животот важи ова исто правило. Не можеме да го промениме животот доколку не се освестиме и не прифатиме каков ни е животот во овој момент, тука и сега.

Одговорност

Но, дали очекуваш дека ќе листаш на твојот телефон, ќе го прочиташ овој пост и со магично стапче нештата ќе се променат? Или ќе размислуваш за тоа колку другите ти згрешиле, како родителите не ти го дале она кое ти е потребно, како државата не чини, итн? Невозможно е да се промени животот доколку не ги промениш твоите мисли и емоции.

Кога се освестуваш и ја прифаќаш ситуацијата, преземаш одговорност за она кое можеш да го направиш за да се случи промената. Најчесто, ние сме тие кои сме одговорни за најголемиот дел од промените. Никој друг, ние. Тоа не значи дека не ни е дозволено да тажиме и жалиме по она кое сме сакале да го имаме. Тоа не значи дека лоши работи не ни се случиле. Напротив. Но, тоа не значи ни дека тие нешта кои се случиле не држат долу и несреќни, туку имаме одговорност и моќ да ги промениме, уважувајќи ги и оние нешта кои многу болат.

Кога срцето и умот ни се негативни, животот станува негативен. За нашите мисли, емоции и акции сме одговорни само ние самите.

Како што расте свесноста, расте и контролата врз себеси.

Ние не сме марионети. Никој не управува со нас и не сме врзани со конци. Ова е одлично да се слушне, нели? А сите го знаеме. Но, што кажуваат твоите резултати? Дали твоите резултати се во склад со ова? Доколку се, ти честитам. Доколку не се, продолжи да читаш.

Зошто не преземаме акција?

Колку пати ти се случило нешто многу да сакаш, но никако да не преземеш акција да го оствариш? Имаш соништа, идеи, инспирации, мотивација и ресурси, но нешто те кочи на патот. Мене многу пати. Зошто? Кога нешто силно посакуваме, ние го сакаме чувството кое таа акција, односно, тој резултат ќе ни го донесе. Нас ни се водилка чувствата и емоциите. Го сакаш тоа поради начинот на кој ќе се чувствуваш. Односно, не го правиш поради начинот на кој мислиш дека ќе се чувствуваш.

На пример, сакаш да вежбаш, но никако да почнеш со вежбање редовно. Што чувствуваш пред да вежбаш? Доколку нема присутно позитивни емоции, постојат мисли во позадина кои прават да се чувствуваш лошо во врска со тоа. На пример, можеби мислиш дека секако нема да имаш резултат и покрај вежбањето. Тоа прави да се чувствуваш безволно и да не преземеш акција (вежбање) како би се остварил резултатот кој го посакуваш. Истото може да важи и за други примери. Јас најчесто се сретнувам со вакви блокади за психотерапијата или коучингот. „Јас не сакам да одам кај психотерапевт затоа не може мене некој таму со диплома да ми помогне.“ Секако, тука се присутни и негативни емоции, нема мотив за акција и нема промена. Силните мисли дека нема решение, прават навистина да нема решение за таа личност во тој момент. Дури и да има акција и да посетува психотерапија таа личност, нема да искуси промена или ќе ја искусува многу тешко, споро и напорно, бидејќи во позадина мислите нема да се променат.

Што сакам да кажам? Акција може да се преземе и доколку нема промена на мислите, но на тој начин сме во војна и постојана борба сами со себе. Затоа таа акција не носи лесно резултати и е навистина мачна во целиот процес.

мисла = емоција = акција = резултат

Како да се промени мислењето?

За да се промени мислењето, прво мора да се случи освестување. Кога сме свесни дека постои негативна емоција, пробуваме да најдеме која мисла стои позади неа. Една од најубавите вежби за освестување на нашите мисли е пишувањето на дневник. Постојат многу различни техники на пишување на дневник кои може да се користат.

Пробај да ги набљудуваш своите мисли од една мета перспектива. Твојот ум е една голема просторија, а ти си мува на ѕидот која набљудува што се случува. Медитацијата е одлична за да се постигне свесност за нашите мисли. Не е целта да немаш мисли и одреден период да не размислуваш, туку да си свесен за сите мисли кои се присутни. Имаме во просек по 60 000 мисли во текот на денот, па навистина е тешко да сме свесни за сите, но со практикување на одредени вежби многу полесно се освестуваме за дел од нив кои ја кочат нашата акција. Кога ќе го вклучиме светлото во нашиот ум, ние ќе успееме да ги осветлиме мислите и да станеме свесни за огромен дел од нашите емоции.

Затоа е многу важно да разбереме од каде доаѓаат нештата. Само низ разбирање се случува процесот на прифаќање. Зошто го правам ова што го правам?

Кога се разбираме себеси, ние се менуваме.

Можете да почнете од акцијата, но тоа нема да е лесно и долгорочно. Ќе се ставам на диета, ќе престанам да пушам цигари. Не е невозможно, секако. Но, умот, душата и телото ќе се во постојана борба.

Доколку прво работиме на менување на мислата, се менува емоцијата и тоа прави акцијата да биде многу посилна и автентична, а резултатот самиот ќе си дојде.

Ќе споделам мој пример. Со години сакав да имам блог. Првиот блог го почнав на англиски јазик затоа што имав мисла која ми го саботираше македонскиот блог – Никој во Македонија не сака да чита за личен раст и развој.

Дали ова било вистина? Не! Јас презедов акција, правев нешто. Но, тоа што го правев не ме исполнуваше на истиот начин како кога би било по моја мера. Потребни ми беа многу години да ја освестам мислата и да ја променам. Во моментот кога ја променив мислата, моите емоции се променија, акцијата се случи, резултатот се појави.

Се надевам дека овој текст ќе ти помогне да дознаеш нешто повеќе за себеси и за начинот на кој почнува промената. Ти посакувам многу успех и прекрасни мисли.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *