Зошто е толку тешко да се сакаш себеси?

Љубовта ја бараме секаде околу нас, а многу ретко застануваме да ја побараме во себе. Сакаме да даваме љубов но, многу често, сме затворени да примиме љубов. Способноста да даваме и примаме љубов е најголемиот дар кој го имаме како луѓе. Длабоко верувам дека кога личноста ќе се отвори за личен раст и развој, таа во наредните неколку години ќе доживее огромен напредок и успех. Но, многу е важно на тоа патување да научи да се грижи за себе добро и да се сака себеси доволно на здрав начин. Начин кој нема да е нарцисоиден, ниту пак начин кој нема да е ни доволно асертивен.

Пред да продолжам, сакам да нагласам дека секој од нас е посебен, уникатен и автентичен. Не постои еден начин, ниту една иста причина за сите. Доколку она кое го читате на мојот блог или го слушате на мојот подкаст не е во склад со вас, тоа е нормално и вклучете го вашиот внатрешен филтер како би го примиле само она кое за вас е значајно.

Зошто е толку тешко да се засакаме себеси?

Сите се соочуваат со различни нешта, а за оние кои се пронаоѓаат во оваа тема, може да продолжат понатаму со читање на овој текст.

Но, што значи да се сакаш себеси? Што е тоа здрава љубов кон себе? Ова се прашања кои немаат само еден одговор, затоа што на сите ни е потребна различна љубов во различен период од животот. Но, нешто кое често го практикувам и јас за да се освестувам е начинот на кој се грижам за себе. Ова е многу лесен начин за проверка кај мајките. Како се грижиш за своето дете? Што му даваш да јаде? Како го облекуваш? Колку време спие?

Доколку детето јаде здрава храна, а мама не, најверојатно мама не се грижи добро за себе. Доколку мама не се грижи како изгледа, а дете е дотерано, мама се заборавила себеси. Оваа проверка може да продолжи до недоглед. Постојат периоди кога од голема негрижа за себе, мајките не се грижат добро ни за своите деца. Не би сакала да одам во тој екстрем, овој пример го дадов само за брза проверка што се случува со нас. Доколку денес сум тотално потресена затоа што моето дете не јадело овошје, па се трудам да му дадам нешто свежо на секаков начин, застанувам и се прашувам „Дали јас денес јадев добро?“. Доколку забележам дека одговорот е не, тоа ми е показател дека не сум добар пример за моето дете, имам незадоволени потреби и не го сакам моето тело доволно.

Како што се сакаш себеси, така ги учиш и другите да те сакаат тебе.

Љубовта кон себе е состојба во која преземаме акција да се грижиме и да го поддржиме нашето психичко, физичко и духовно здравје.

Љубовта кон себе значи да имаме стандарди за среќа и добросостојба, да се грижиме за себе на прво место, без да се жртвуваме како би ги задоволиле другите.

Не е потребно ти да се запалиш за да ги стоплиш другите.

Родителски стилови

Додека секој родител има различен родителски стил, некои работи се заеднички за повеќето. Па така, што е правилно, а што не е нешто кое константно се менува и она што за една генерација пред нас било нормално, сега веќе не е. Она што за две генерации било правилно, сега е погрешно. Едноставно, родителството е нешто кое е многу променливо, па она што е денес добро родителство не важи за минатото. Ова е ерата на свесноста, личниот раст и развој и учењето. Барем јас гледам така на тоа. Па сега, родителите навистина се многу заинтересирани како и каде можат да научат повеќе за развојот на децата, начини за справување со одредени ситуации, како и општо да дознаат и научат како да станат подобри родители.

Но, што е она кое останало исто? Доколку си добро дете, мама и тато те сакаат. Доколку не си добро дете и правиш нешто кое мама и тато не го одобруваат, тогаш тие не те сакаат и ти ќе ја изгубиш нивната љубов.

Секое дете е исплашено дека може да ја изгуби љубовта на своите родители. Во текот на воспитувањето е природно и нормално родителот да го учи своето бебе и дете што е добро, а што не и како да живее, но постои можност детето со текот на времето да создаде слика за себе како „лошото“ дете или детето кое не е доволно добро доколку во иднина направи нешто кое не е оправдано од родителите, пријателите, општеството, итн.

Понекогаш се случува тоа прекорување на родителите да трае премногу долго и да не се создаде релација со доверба меѓу родителот и детето, па со самото тоа и детето добива слика дека не е сакано, па доколку родителот не го сака, ни тоа не умее да се сака себеси.

Токму затоа се препорачува да не се дава епитетот лошо дете, лошите деца, итн.

Правилно и погрешно

Често се прашуваме што е правилно, а што погрешно во одреден момент. Ова е нешто кое е променливо, па така, она кое е правилно во одреден момент, не значи дека ќе остане правилно во некој друг период. Доволно е само да се погледне во познатите личности низ историјата и колку биле поразлични од останатите во одреден момент. Тие биле иноватори и не пробувале да се вклопат со останатите. Овие личности верувале во себеси и не барале (најверојатно) одобрување од другите како би биле прифатени и сакани од останатите. Можеби знаеле некоја тајна 😉

Постојано слушаме негативни ставови за себичноста и егоизмот, па многумина од нас се плашат да си покажат себеси малку љубов, како би биле скромни. Колку е тенка линијата меѓу себичноста и љубовта кон себе?

Што е полошо, да се сакаш себеси многу и да мислиш дека си подобар од она што реално си, или да си прекрасна личност, а да мислиш дека не си?

Отидов во екстремите, секако. Но, имам чувство дека вториот пример е поприфатлив и на таа личност се гледа со повеќе љубов. Секако, идеалот е една слика која е најблиску до реалноста. Но, како е во нашето општество? Имам чувство дека на луѓето кои имаат самодоверба се гледа негативно. А, колку е само жално кога сретнуваш прекрасна личност која има толку многу ниска самодоверба и свесност за себе…

Како скромноста да е во мода. Далеку од тоа дека сум против скромноста, самата ја негувам во приватниот и професионалниот живот, но на неа гледам поинаку. Скромноста ја гледам како умешност да се биде среќен и задоволен со она што го имаш. Како умешност да се остане свесен дека понекогаш, дури и кога може да се има повеќе, би останал задоволен со помалку, како не би се предизвикало одредена штета. Умешност да се остане нежен и внимателен, бивајќи задоволен со она што е. Но, многу е важно и здраво да се сака повеќе. Кога сакаме повеќе, ние си дозволуваме да бидеме љубопитни, да учиме повеќе, да растеме и да се развиваме. Не постои развој без желба.

Често се случува некој за себе да мисли дека е себичен кога посакува нешто повеќе и на тој начин негува лоша слика за себе. Можеби е време да се измени таа слика за љубовта кон себе како нешто кое е негативно. Односно, да се гледа низ една скромна призма и баланс, а не во есктремите.

Очекувања

Живееме во свет на очекувања. Премногу очекувања! Мислам дека ова претставува голем проблем за целото општество. Луѓето постојано се споредуваат едни со други. Какво тело имаат, каква облека, работа, деца, партнер, пријатели, заработка, куќа, кола, социјален статус, следбеници, лајкови, прегледи, гласови…

Понекогаш сме предозирани од толку многу пчекувања, па забораваме кои се најважните нешта во животот и колку на сите ни се важни мирот и среќата. Токму дел од овие очекувања се една од причините поради кои не се сакаме себеси.

„Мораме“ да имаме одредени критериуми исполнето како би се чувствувале вредни за љубов. Кога ќе ги освестиме овие критериуми, сликата за себе се менува, а ние си дозволуваме да се сакаме себеси.

Како некој друг кој не ги исполнува овие услови сепак се сака себеси, а и другите го прифаќаат?

Кога се прифаќаме себеси и имаме самодоверба, другите не го вадат најлошото од нас. Кога се сакаме себеси, даваме простор и другите да не сакаат нас. Тоа е парадоксот дека мора прво да се освести, па прифати, како би дошло и до одредена промена. Повеќе може да прочитате тука.

Простување

Многу често, линијата меѓу да се сакаш себеси и да си простиш на себеси е многу тенка. За да можеш да се сакаш себеси, многу е важно и да си простиш за одредени нешта кои те измачуваат. Можеш ли да сакаш некого на кого си многу лут и гневен? Веројатно, да. Но, каква е таа љубов? Колкав капацитет ќе имаш да ја сакаш таа личност и да си добра кон неа? Кога првиот чекор кон промена е свесност, вториот е токму прифаќање. Дали прифати доколку не си прости себеси?

Прифаќањето е простување!

Твоето минато не е важно. Единственото нешто кое е важно е каква личност те направи токму твоето минато.

Ти не си она кое го правеше во минатото. Сите го правиме она кое мислиме дека е најдобро во тој момент.

Безусловна љубов

Дали се сакаш себеси безусловно? Многу често, со ова чувство за прв пат се сретнуваме кога стануваме родители. Бебињата често ни покажуваат како изгледа безусловната и чиста љубов, прифаќањето на себеси, својата душа, тело, мисли и емоции. Многу убава книга за љубовта е книгата на Ерик Фром – Уметноста на љубовта, во која има убав опис на повеќето видови на љубов.

Личниот раст и развој бараат енергија, време, едукација, сила и посветеност. Најчесто коренот зошто не се сакаме себеси се наоѓа во нашето детство. Ние поставуваме високи стандарди, цели и очекувања, а забораваме да се потсетиме дека сме доволно добри и без нив. Родители со ниска самодоверба, не би имале капацитет да ги научат своите деца да се сакаат себеси. Едноставно, не умеат да бидат добар модел, а децата учат преку моделирање на однесувањето кое го гледаат.

Книгата која ја споменав ја читав на почетокот на студиите и многу ми ја промени концепцијата за љубовта. Во неа, авторот објаснува како ги развиваме вештините да љубиме (сакаме).

Во книгата се претставени четири базични елементи на љубовта: грижа, одговорност, почитување и знаење. Љубовта кон себеси не е себичност, егоизам или ароганција. Да се сакаме себеси е всушност грижа за себе, преземање одговорност за себе, почитување на себеси и познавање на тоа кои сме ние.

Непријатни настани и искуства

Секој од нас доживува непријатни настани низ текот на животот, а некои од овие настани може да предизвикаат негативни чувства кон себеси. Кога овие настани се случуваат во детството или во ситуации кога сме немоќни или недоволно поддржани, оставаат печат и негативни мисли. Се доживуваме себеси како помалку вредни или недоволно важни и силни да се справуваме со она што ќе искрсне на патот. На пример, во шесто одделение имав конфликт со наставничката по историја. Пробував да се одбранам себеси, но таа беше многу гласна и реагираше бурно, што јас се затворив во себе. Дома веднаш се разболев, не можев ни да спијам три ноќи. Немав капацитет да разберам што се случува, па од тој момент навистина ми беше премногу тешко да зборувам пред други луѓе. Ми беше страв да кренам рака и да го искажам својот став и мислење, најмногу во училиште. Секако, со тек на времето ова е нешто кое го освестував и менував, но доколку останеше заборавено, верувам дека немаше да имам капацитет да го надминам ова трауматско искуство за мене. Во тоа време, постојано се обвинував себеси и пробував да ја кријам мојата личност затоа штпо се плашев дека доколку сум во нешто добра, другата страна ќе избувне. Верувам дека овој пример ќе ти помогне да го пронајдеш твоето непријатно искуство кое можеби ти стои на патот да се сакаш себеси. Секако, ова не е единственото искуство. Постојат многу вакви настани кои знаат да креираат нешто поголемо.

Пријатели и средина

Кои се твоите пријатели? Какво е твоето опркужување? Дали си опкружена со позитивни пријатели кои имаат верба во тебе и те почитуваат? Доколку си во околина на личности кои имаат многу ниска самодоверба, малку е веројатно дека ќе успееш да се сакаш себеси. Зошто? Најверојатно, бидејќи на тој начин нема да припаѓаш во таа дружина. Твојата промена нема да биде почитувана, нема да веруваат во тебе и твојот капацитет и нема да сакаат да бидеш подобра и поуспешна. Не затоа што тие се лоши, туку затоа што ни самите не веруваат во себе, во своите капацитет и можноста да успеат. Љубовта која ќе си ја даваш себе во нивните очи може да изгледа себично и надмено. Кога си опкружена со личности кои постојано гледаат негативно на нештата, полека стануваш и ти негативна. Кога не се сакаш доволно себеси, веројатно ќе се плашиш да бараш да бидеш околу личности кои се сакаат себеси и кои те почитуваат. Кои се твоите вредности? Важно е во животот да сме опкружени со личности кои ги делат нашите вредности.

Секако дека постојат и многу други причини зошто ни е тешко да се сакаме себеси, но ова се дел од оние кои се најчести кај повеќето од нас. Понекогаш, потребно ни е само мало освестување како би можеле лесно да ги надминеме овие препреки, а некогаш остануваме заглавени и потребна ни е помош. Градењето на здрава љубов кон себеси е процес и на секого од нас му е потребно различно време да успее да стигне онаму каде што сака. Затоа, не брзај и дозволи да се движиш со твое темпо.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *