Што значи присутно живеење?

Присутно живеење, биди присутна, биди во тука и сега, остани во сегашниот момент, постои само сегашниот момент… Многу често го слушаме токму ова, колку е важно да се живее во сегашниот миг. Често се зборува за тоа колку минатото и иднината не се важни, туку најважен е сегашниот миг. Биди присутна во твојот живот! Јас секогаш велам, кога нешто е толку популарно сигурно е многу добро, колку и да сакаме да имаме отпор. Кога ќе го истражиме отпорот, точно ќе успееме и да го надминеме. Со овој поим јас прв пат се запознав кога започнав со мојата едукација по гешталт психотерапија. Немав капацитет да разберам што значи точно тоа, па само го кажував како изрека и како нешто кое божем се трудам да го практикувам и самата. О, колку тешко ми беше да разберам што воопшто значи тоа! Некој од постарите колеги ќе спомнеше, гешталт, тоа е начин на живот (мислејќи токму на ова присутно живеење). Јас само ќе се насмеев, ќе кимнев со главата, божем се согласувам и сум на тоа место. Но, искрено, не бев таму. Навистина го немав тој капацитет да стигнам таму. Не е дека бев премногу далеку, но со текот на годините сфатив дека присутното живеење, барем за мене, е навистина тешка вештина која треба повторно да ја научам. Зошто повторно? Затоа што како деца сите ја имаме природно во нас. Но, со текот на годините потполно ја губиме, што поради животните искуства, што поради начинот на воспитување, итн. На овие простори каде што живееме, присутноста се гледа и како негативна појава која носи несигурност. Всушност, еден од најчестите отпори е токму сигурноста или несигурноста. Како тоа ми кажуваш да живеам присутно во тука и сега, па утре како ќе си купам леб? Додека има многу вистина во оваа реченица, она кое штрчи и е многу видливо е екстремот во кој таа оди. Присутноста во тука и сега не значи екстремно ужување. Воопшто не е поврзано со ужување, иако многу често се гледа така на тоа. Напротив, да се биде присутен значи да се искусува она што е тука и сега во потполност, а тоа може да е огромна количина на болка, тага, страв, немир, итн. Кој рече дека тоа ќе трае вечно? Но, кога се избегнува присутноста, знае да трае премногу долго.

Морам да предупредам дека на овој или оној начин, оваа тема е филозофска, по малку спиритуална и може да донесе големо збунување. Сосема е во ред. Затоа и споделив на почетокот дека навистина премногу време ми требаше да го доживеам и искусам присутното живеење. И нема да лажам, ниту сум постојано таму, ниту лично познавам некој кој е таму. Но, научив брзо да се освестувам и враќам кога тоа ми е многу потребно и кога имам капацитет за истото.

Кога ќе погледнам на темпото на живот кое ни се наметнува, глобалните случувања и распореди, сфаќам дека новото нормално полека станува анксиозно живеење, стрес и неможност да се доживее среќа. Кога ова се гледа во целина, не е чудно што толку многу од нас го губат допирот со себеси, своето тело, своите мисли, желби и потреби. Низ многу години работа на себе и едукација, сфатив дека присутноста е таа која го носи решението на проблемите кои не сме ни свесни дека постоеле. И не мора да ги кажам проблеми доколку звучат тешко, нека бидат предизвици, блокади, застои. Како и да се наречат, тоа се што се.

Бивањето присутен во тука и сега, значи да си свесен за сето она кое што се случува во овој момент. Да не дозволиш вниманието да ти биде одвлечено од минатото, ниту да се грижиш за иднината, туку да се сконцентрираш на она што е притуно сега.

На пример, сети се кога последен пат си се забавувала и опуштила. Во тој момент кога не мислеше на неплатени сметки, дали да дадеш отказ и колку те нервира мајка ти… Го носиш во себе овој капацитет. Само е важно да се освести, разбуди и применува што почесто.

Способноста да се биде присутен во сегашниот миг е главната состојка на менталната добросостојба. – А. Маслов

Анксиозноста е рацепот меѓу сега и подоцна. – Ф. Прлс

Кога сме присутни, дозволуваме да го чувствуваме она што е, без да го осудуваме. Зошто да практикуваме присутно живеење? Првата и можеби најважната причина е затоа што не одвлекува од стресот и другите негативни мисли. Самото тоа ни помага да одржиме добро ментално здравје и ни дозволува да се справуваме со нашите мисли и емоции.

Убавината е што присутноста може да се практикува секогаш и секаде. Понекогаш е убаво да најдете мирно место каде може да го правите тоа, да издвоите мала пауза во текот на денот или да биде дел од вашата дневна рутина.

Тоа се многу обични и кратки работи. На пример, водено и свесно дишење. Може да бидат различни техники на дишење, важно е да ги правиме свесно и со намера.

Друга техника може да биде скенирање на телото. Полека да го провериме секој дел од нашето тело за да бидеме свесни за нашето телесно постоење и што е она кое ни е потребно. Може да биде и медитација во движење, како на пример пешачење, што ќе резултира со релаксација и намалување на стресот.

Насочено внимание. Фокусирај се на она кое го гледаш, мирисаш, слушаш, допираш, вкусуваш. Постојат посебни кратки вежби, а не мора секогаш да се водиме по одредени правила. Едноставно земи го тоа што ти се наоѓа при рака. Допирај ја текстурата на твојата облека или предметите околу тебе. Забележи ја нивната температура. Застани за момент и провери кои звуци ги слушаш и што ти носат тие. Мирис? Било што се наоѓа околу тебе. Не е нужно да биде поврзано со ароматерапија, иако навистина различните мириси може да поттикнат релаксација.

Постојат и мобилни апликации кои помагаат да живееме присутно и да се релаксираме. Обично се наоѓаат во категоријата на ментално здравје.

Источната филозофија е многу фокусирана на пристноста, па медитацијата е токму тоа, можност да сме присутни и свесни за себе и сегашниот миг. Можеби и најдобриот начин е токму медитацијата, со тоа што сосема е во ред да се започне со една до две минути на почеток. Секоја мисла е добредојдена во тој период. Со текот на времето може да се почне и со потешки вежби, но без притисок. Доколку медитација не е за тебе, тоа може да биде молитва. Не е поентата ова да е присилено и наметнато. Доколку не ти е пријатно, вежбаш нешто кое расте, а тоа е непријатност. Поентата е да вежбаш нешто кое ти е пријатно. Она кое го вежбаш расте посилно и поголемо. Што е она кое сакаш да го растеш?

Со текот на времето многу ни е полесно да вежбаме присутност и да сме свесни и присутни во тука и сега. Секој од нас си го наоѓа вистинскиот пат и начин како побрзо и полесно да се враќа во тука и сега. На пример, во гешталт психотерапијата постојано се користиме со свесно дишење и кратки водени медитации.

Преку присутноста ние наоѓаме начин да се поврземе со нашиот живот.

Зошто ни е тешко да сме присутни во тука и сега?

Живеењето во тука и сега знае да биде многу тешко поради тоа што ние сме секогаш охрабрени да размислуваме за иднината или да се давиме во нашето минато. Ова е поттиканто од рекламите, потсетниците, нотификациите и алармите кои се многу често насочени кон минатото или иднината. Колку пати си зафатена правејќи нешто друго, кога наеднаш ќе бидеш прекината од нотификацијата на твојот телефон?

Како да живееш присутно, а сепак да планираш за иднината?

Многу е важно да не го измешаме присутното живеење со планирањето за иднината. Тоа што се трудиме да живееме поприсутно, не значи дека комплетно се исклучуваме од планирање, зацртување цели, желби и потреби. Преку практикување техники за присутност, ние не го негираме она што е, ниту ги игнорираме мислите кои ги имаме за минатото и иднината, туку бираме да не се удавиме и преплавиме од нив. Не само што е во ред, туку е и многу важно да сме свесни за мислите кои ги имаме за минатото и/или иднината, да ги уважиме и да ги категоризираме. Но, проблемот настанува кога се преплавуваме од нив и забораваме на сегашноста, па стануваме анксиозни.

Одлична мобилна апликација која нуди техники за медитација, дишење и релаксирање е Calm. Самата апликација ја следи твојата рутина и те потсетува да си земеш неколку минути за себе.

Друга интересна апликација која не потсетува да дишиме свесно е Breathe. Сите ние дишиме, но колкумина го прават тоа свесно и правилно? Како дишиш во овој момент? Длабоко, плитко, брзо, споро? Правилното дишење е длабокото дишење со користење на дијафрагмата.

Секако, постојат многубројни апликации, но овие се две кои ги имам лично пробано. Ќе ми биде драго доколку споделите ваши препораки за убави апликации кои помагаат да живееме во тука и сега, свесни и присутни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *