Во оваа кратка објава, сакам да споделам една вежба за личен раст и развој која мене лично многу ми го промени животот. Секако, постојат многу други фактори кои влијаеле врз промената, а и многу други вежби кои се прекрасни, но оваа вежба лично мене ми донесе најголем мотив за да преземам одредени акции. Пред да продолжам, сакам да предупредам и да замолам, личности кои се соочуваат со панични напади или пренагласена анксиозност да не ја прават оваа вежба, особено не сами затоа што може да биде вознемирувачка за некој. Исто така, доколку самата помисла да се прави оваа вежба предизвикува нелагодност и страв, препорачувам да не се прави. На крајот ќе споделам и некои слични алтернативни вежби кои се побезбедни за сите. Ова го нагласувам бидејќи ваков тип на содржина не заменува психолошко советување, психотерапија или коучинг, а лесно знае некого да вознемири или наведе во друга насока.
Станува збор за вежба од една книга која е напишана од гешталт психотерапевт Џенет Рејнвотер. Книгата е – You are in charge: A guide to Becoming Your Own Therapist, Janette Rainwater, 1979. На македонски мислам е преведена „Бидете свој психотерапевт“ и ја има по нашите книжари. Кога ја споделив годината, мислам дека е многу јасно дека не станува збор за модерна книга за себе помош, туку нешто кое е старо, а вреди навистина премногу. Ако треба да препорачам книга за себе спознавање и личен раст и развој, ова е првото кое би ми дошло на ум. Зошто? Затоа што е книга со вежби каде што тој што ја има книгата во раце треба да ги прави вежбите, а не само да впива безброј информации од некој друг. Ова е книга со работни задачи, а не со многу текст и претпоставки. Буквално е место каде ќе најдете секакви вежби, а ова е една од последните во истата книга. На почетокот споменав дека најголемата промена ја доживеав со оваа вежба, но ги имам направено сите претходни, како и многу друга работа на себе. Но, ова е вежба која ја правам секоја година по еднаш или два пати. Најчесто за време на новогодишните празници и за мојот роденден кој е точно на средина на календарската година. Се користам со оваа вежба кога правам годишен план или анализа, како и роденденски план и анализа. Прво ја правам оваа вежба, а потоа продолжувам да запишувам и зацртувам цели. Секако, постојат многу отстапки од планот и целите кои ги правам согласно тоа што времето ќе си го донесе, но суштината е секогаш иста.

Ќе бидам досадна и пак ќе споменам дека оваа книга беше задача на еден предмет на факултет, а ми е нешто кое најмногу ми оставило впечаток од целото студирање, затоа што е единствен предмет каде имав допир со себеси и можев на дело да видам како изгледа личниот раст и развој низ вежби и препораки. Тогаш бев далеку помлада и не ја разбирав суштината како што ја разбирам и гледам од денешна перспектива.
Вежбата се вика „Последните три години“. Додека го пишувам овој текст, јас ја немам книгата до мене и целото објаснување за истата е од моето помнење. Можеби во самата книга ќе има поопширно објаснување, се користат поинакви зборови и реченици, но нема да избегам од поентата. Од денешна перспектива, поминати се повеќе мои „последни три години“ и затоа можам слободно да зборувам за оваа вежба „на памет“, а и низ едно лично искуство и доживување.
Како мало интимно споделување, првиот пат кога ја направив оваа вежба, на студиите по психологија, во истата имав споделено дека за мене е многу важно да се остварам како мајка. Кога навистина станав мајка, искусив колку е важен личниот раст и развој кај родителите и колку мајчинството носи трансформација на личноста. Повеќе не сум важна само јас, сега имам уште некој кој ми е многу важен и кој зависи од мене додека порасне. Сфатив дека станав пример и модел на однесување кој е многу важен и се соочив со најголемата одговорност во животот – да се биде мајка и родител. Го споделив ова затоа што кога ја направив оваа вежба прв пат, јас изумив дека сум ја правела. Всушност, немав воопшто свесност дека оваа вежба многу нешта поттикнала и сменила во мене. Кога се омажив и се селев од една во друга куќа, го најдов дневникот каде сум ја направила оваа вежба. Читајќи што пишува, се запрепастив колку од тие нешта се оствариле, во една поинаква форма. Всушност, свесно или несвесно, оваа вежба ми помогнала да се детерминирам и да остварам некои важни нешта за мене. Ми покажала кои се моите вредности, што ми е значајно и без што не би сакала да си заминам од овој свет.
Секако дека животот не се менува со една вежба, но патот од илјада милји почнува со еден чекор. Претходно споделив текс каде нагласувам колку свесноста и прифаќањето се важни, но да се освестат некои работи, како и да се одржи таа свесност знае да биде навистина тешко. Свесна сум колку нешта имаме на ум и колку лесно знаеме да се преплавиме и да заборавиме на некои многу важни нешта за нас. Токму затоа ја споделувам оваа вежба, за да споделам една одлична алатка за освестување и себеспознавање која може да помогне да се открие што е она кое ни е нас важно. Ваквиот тип на вежби се одлични затоа што не водат низ свесноста и ни помагаат да сфатиме што е добро, што сакаме, а што може да се подобри или прифати такво какво што е. Лесно можеме да се фокусираме на нештата кои ни се големи и значајни во животот, наместо на оние кои не ги сакаме кај себе или пошироко.
Да се вратам на книгата и вежбата. Доколку имате можност, топла препорака да ги направите сите вежби од оваа книга. Споделив дека ова е последната вежба во книгата, а за тоа има добра причина. Но, голем дел од тие кои ме слушате и читате сте веќе на едно патување за личен раст и развој, па се надевам дека дел од тој процес веќе сте го поминале.
Земете си пенкало и лист хартија или отворете го вашиот дневник. За да правите вежба за личен раст и развој, потребно е да бидете присутни. Присутни во тука и сега. Па така, предлагам целиот овој процес да го прочитате тогаш кога ќе сте подговтени за тоа. Идеално е да бидете седнати во некоја пријатна позиција, а на телото да му е удобно. Полека дишете длабоко. Вдиши, издиши. Доколку ви е попријатно, запалете си свеќа, покријте се со меко ќебенце, направете си топол или ладен пијалок. Многу е важно да сте присутни и опуштени кога ја правите оваа вежба, како не би напишале нешто кое не доаѓа од душата, туку од анксиозноста и стравот кој сите си го носиме, помалку или повеќе. Сега заборавете на пенкалото и листот. Тие се тука за подоцна лесно да го запишете она кое ќе го видите во вашата фантазија. Може и да се навалите додека фантазирате. Внимателно да не заспиете.
Замислете дека сте отишле на лекар и ви е кажано дека ви преостануваат само три години живот. Во тој период од три години вие ќе бидете потполно здрави и ќе имате енергија. Едноставно, за точно три години животот ќе заврши. Наместо да се лутите и бунтувате на ова, пробајте да се опуштите и да фантазирате. Одлично, имате уште цели три години живот. Како ќе ги поминете тие три години?
Каде ќе живеам?
Со кого сакам да живеам?
Што ќе работам?
Дали сакам да работам?
Со кого сакам да работам?
Дали сакам да учам нешто ново?
Со кого сакам да се дружам?
Кои проекти сакам да ги завршам во тој период?
Што е она по кое сакам другите да ме паметат?
Опуштено, ова се само дел од прашањата кои може да си ги поставите. Предлагам да си дадете доволно време и да ги замислите наредните 36 месеци еден по друг. Како реално да ги живеете. Може да потрае и подолго од еден час, но вреди.
Доколку премногу ве вознемирува вежбата и имате потешкотија да се одделите дека после завршувањето на вежбата, вистината не е дека ви останале три години живот и дека ова го правите само со цел за свесност, ве молам престанете со вежбата. Но, верувам дека ќе успеете да ја направите онака како што е замислена.
Откако фантазирањето ќе заврши, со крајот на тие 3 години, напишете го она кое го сакавте. На пример, да научите нешто, да смените работа, да се омажите, да се разветеде, да се смирите со некого, да искажете љубов некому, да патувате, итн. Секој од нас си има различни нешта кои ги сака и/или го мачат.
Споредете го вашиот живот тука и сега со она кое го видовте додека фантазиравте за вежбата. Што е слично, а што е многу различно? Постои ли нешто кое може да се имплементира уште веднаш? Што беше најважно за вас? Како може да почнете да остварувате дел од овие цели?
Заборавете на тоа дека имате само три години. Таа мисла целосно оддалечете ја. Помнете ги само оние нешта кои беа важни, а тоа се целите кои сакате да ги исполните, вашите вредности, желби и потреби. Нештата кои ви носат радост и убавина во животот.
Во книгата каде ја има оваа вежба, Џенет објаснува како оваа вежба неа и донела свесност дека сака да напише книга. Всушност, тоа е оваа книга која ја споделувам, а доколку не била оваа вежба, веројатно немало да се оствари таа цел. Оваа вежба неа ја поттикнала дека е редно време да почне да ја пишува книгата и да го сподели своето знаење со светот.
Секој пат кога ја правам оваа вежба, мене ми носи различна свесност. На пример, некогаш ми носи свесност колку малку време поминувам со оние кои ги сакам, а колку сум се фокусирала и опкружила со токсични личности. Првиот пат ми донесе свесност колку сакам да сум мајка и да имам деца и дека семејството за мене е многу важно. Подоцна ме освестила дека е крајно време да почнам да работам самостојно, итн.

Се надевам дека споделувањето на оваа вежба за личен раст и развој ќе ви помогне да го живеете животот од вашите соништа. Да го живеете животот кој го заслужувате! Личниот раст е долго патување, процес кој нема крај и процес кој бара многу свесност и вежбање. Бара акција! Она кое е важно е да уживате на самото патување, без разлика на целта.
Како кратка алтернативна вежба, многу често насочувам да се замислите себеси за 10 години. Потоа, за 5 години. На крај, за 1 година. За 10 години замислете се со најлудите соништа и цели како веќе да се остварени. За 5 години замислете една слика што сте остварите од тие 10 кои ги посакувате. На крај, за една година, што е она кое прво сте го направиле како би стигнале до тие 10 години остварени цели и соништа. На овој начин, се освестуваат големите желби, а е одлична прва алатка за да се направи годишен план за кој ќе пишувам во некоја наредна прилика.