Депресија е збор кој е многу широко распространет. Тоа го гледам како голем проблем на денешницата, не поради тоа што е толку распространето, туку поради погрешното значење кое му се припишува на зборот депресија. Она што често знае човек да каже „Во депресија сум“, иако всушност, веројатно се мисли само на депресивно расположение кое е привремено и може да се јави од многу причини и кај секого, без притоа да носи црвени светлечки знаци на опасност.
Депресијата е состојба која и не така лесно може да се промени, некогаш е толку незабележлива, што ни самите психолози не можат да ја дијагностицираат ако е добро „маскирана“. Исто така, депресијата е епитет кој многу често се прилепува на други пореметувања, некои значајни, а некои ни малку слични.
Како проблем стои фактот што многумина мислат дека е нешто што само од себе може да помине, дека не е нешто кое бара третман и лечење, или дека само со свесност може да се промени, ни малку помислувајќи на суицидот. Да, суицидот е огромен проблем и за самите психолози. Малкумина би сакале да се нафатат да работат со суицидна личност, па затоа, тие се оставаат на психијатрите, и на медикаментозната терапија. Можеби го гледам како проблем и од самата причина што може да се излечи и промени со помош и на социјалната подршка, а најмногу затоа што депресијата не се јавува само кај возрасните, туку, се повеќе и повеќе се јавува кај деца и адолесценти.
Верувам дека со почесто зборување на оваа тема, како и други теми поврзани со менталното здравје, свесноста ќе се подигне, а личноста која страда многу полесно ќе си дозволи да побара помош. Барањето помош за депресивна личност, верувајте или не, е најтешката акција која може да се направи.
Што е депресија?
Терминот депресија се користи за опишување на широк распон на емоции, симптоми и синдроми на пореметување кои варираат по својата тежина, траење и распон.
Зборот депресија значи потиснување, па многу е веројатно таа да е другата поларност на агресијата. Личноста која пати од депресија избегнуба да биде поврзана, се повлекува од сопствените емоции и од околината. Депресија не е слабост или карактерна особина, туку растројство на расположението кое може да се појави кај секого од нас, без разлика на пол, возраст, националност, раса.
Депресијата е пореметување на расположението која се карактеризира со различни симптоми: когнитивни (негативни мисли и очекувања, суицидни мисли, концентрација, неодлучност, самокритичност, безнадежност), однесување (намалена активност, повлекување), телесни (губење на апетит или нагло зголемување на апетит, несоница), афективни (чувства: жал, тага, вина, анксиозност) и мотивациски ( губење интерес, тромавост, напрегање) кои сите заедно можат, помалку или повеќе да го намалат расположението, загрозувајќи го функционирањето на поединецот, односно неговата способност да се прилагоди на животното опкружување.
Таа често е поврзана со други психолошки проблеми и медицински состојби, при што се смета за секундарна последица на некоја друга состојба. Таа е често психичко пореметување што со текот на годините зачестува, зафаќајки се помлади особи.
Симптоми на депресија
Симптомите се јавуваат со текот на времето, и имаат многу варијации. Депресивните деца понекогаш се претерано активни и агресивни, кај адолесцентите, депресијата понекогаш се манифестира како негативизам, антисоцијално однесување и чувство на несфатеност и неприфатеност, а кај старите особи се јавува заборавеност, губење на помнењето и дистрактибилност.
Симптомите на депресија се многубројни. Најчесто се јавуваат барем еден или повеќе од следниве симптоми по кои може да се воспостави дека постои индикација за дијагностицирање на депресијата:
- Исцрпеност;
- Депресивно расположение;
- Нарушување на сонот, било да е инсомнија или хиперсомнија, а некогаш се јавуваат и вознемирувачки соништа и кошмари;
- Будење рано наутро и/или потешкотии при заспивање;
- Немање воља за правење на она во што некогаш уживале;
- Потешкотии со концентрацијата во текот на денот;
- Намалена енергија во текот на денот и брзо заморување;
- Анксиозни мисли и загриженост, како и вознемирувачки и застрашувачки мисли;
- Чувство на вина и намалена самодоверба;
- Станување пречувствителен или вознемирен без посебна причина;
- Намалена толеранција и иритабилност;
- Промени во телесната тежина;
- Успорени моторни движења;
- Суицидни мисли.
Ова се само дел од симптомите кои може првично да се јават при депресија. Не значи дека кај сите се јавуваат сите симптоми, ниту доколку се има еден од овие би се иницирало депресија. Постојат посебни психолошки тестови со кои се мери депресијата, како и клиничко интервју и опсервација на пациентите.
Доколку мислите дека Вие или некој од вашето блиско опкружување пати од депресија потребно е да побарате стручна помош.
Дел од овие симптоми може да се појават кај секој од нас. За да се дијагностицира депресија потребно е да се присутни најмалку 5 симптоми истовремено.
Зошто се јавува депресијата?
Причинители на депресија има многу и секогаш се различни и индивидуални. Може да се јави како дел од обжалувачки процес, од лоши искуства и тежок период, може да се јави од социјални и надворешни фактори, но не е исклучено дека се јавува најчесто поради хормонски дисбаланс. Многу е важно да се утврди и овој дел, како би се утврдил процесот на лечење и опоравување. Полесно е да се одреди третманот, потребата за медикаментозна терапија и видот на психотерапија. Важно е да се напомене дека не секогаш медикаментозната терапија е потребна. Тоа секако зависи од времетраењето, настанувањето и тежината на состојбата во која се наоѓа личноста. Депресијата е постојано и често поле на истражување, па така, во многу истражувања се објаснети процесите во неуротрансмитерите, хормоните и гените. Се смета дека депресијата обично не е нешто што се наследува, туку нешто што се учи. Па така, дете кое живее со депресивен родител, многу е веројатно дека и самото тоа ќе постане депресивно како дете или понатаму во животот. Исто така, депресијата може пропратно да се појави поради постоење на некоја друга соматска болест, особено доколку болеста е во терминална фаза или се јавува кај дете и адолесцент. Многу деца дијагностицирани со епилепсија, проблеми со тироидна жлезда, лузни, операции, проблеми со половите органи и слично, знаат да патат од депресија. Затоа е пожелно да се работи на превенција на оваа состојба уште од најрана возраст. Значајна улога тука играат психолошкото советување и психотерапијата.
Верувам дека овој текст е информативен и може да помогне во подигнување на свесноста за менталното здравје. Во нашите простори, сè уште се популарни алтернативни начини на лекување (баење, уроци) кои знаат да ја потиснат реалната состојба и, многу често, ситуацијата да се влоши.
ШТО ДА ПРАВИТЕ ДОКОЛКУ СТЕ ДЕПРЕСИВНИ?
Доколку забележите повеќе симптоми во исто време, консултирајте се со вашиот лекар и/или психолог. Во овој случај, психотерапијата, според мене, е задолжителна, како би можеле да останете во контакт со себе и своите чувства.
Во продолжение, неколку препораки доколку се соочувате со депресија:
Не се изолирајте, останете во контакт со оние кои ви значат, како партнерот, родителите, пријателите и колегите.
Зборувајте со некого за вашата состојба. Нема ништо за кое би требало да се срамите. Можеби споделувањето со блиска личност нема да ја промени вашата состојба, но добро е да се разговара редовно со некого за своите чувства, емоции, терапија, третман и слично.
Не избрзувајте во носење на одлуки. Прифатете дека ова не е добро време за носење на големи одлуки и движете се со „бебешки чекори“. Доколку се чувствувате дека не можете да се одлучите, ВО РЕД Е! Дајте си време да процесирате.
Спиење, спиење, спиење! 8 часа сон, ни помалку, ни повеќе. Добро, за некого нешто помалку можеби е доволно, зависно на која возраст сте, а за деца, секако повеќе. Сонот е многу значаен за менталното здравје. Обидете се да си легнувате порано, пред 22 часот, за да може да се лачи мелатонин, а наутро да го „фатите“ Сонцето.
Хранете се здраво. Јадете повеќе овошје и зеленчук и внесувајте балансирана исхрана. Суплементи како Б витамини, Д3, Омега 3, магнезиум и цинк се многу значајни. Сите овие витамини и минерали би требало да ги внесувате природно преку исхраната, а доколку има потреба, вашиот лекар може да препорача и додаток. Здравите навики за спиење и јадење се многу значајни за целокупното здравје.
Избегнувајте алкохол и психотропни супстанци. Не постои психотропна супстанца која лекар би ја препорачал за подобрување на менталното здравје. Свесна сум дека постојат многу кампањи за легализација на психотропни супстанци, но постојат факти, истражувања и искуства кои се такви какви што се… За лица кои имаат проблем со менталното здравје, психотропните супстанци може да се како активирање на неактивирана бомба. Алкохолот ќе направи само да се чувствувате полошо, а доколку веќе сте поткрепени со одредена фармакотерапија, може да делува и опасно.
Бидете физички активни. Можеби немате доволно енергија да посетите теретана, но прошетка во паркот со вашиот миленик, пријател, партнер, дете, може да биде од помош. Побарајте помош и поддршка, некој кој ќе ве „влече“ за рака да излезете од дома и да бидете физички активни. Како физичката активност влијае врз хормоналниот статус е многу широка тема и верувам дека ќе пишувам наскоро и нешто за тоа. Понекогаш, физичка активност може да биде и чистење и организација во домот. Важно е да се започне од некаде.
Чувајте милениче. Кучињата се одличен избор и најверен пријател. Животните носат многу голем спокој и среќа во животот. Истото важи и за растенијата. Градинарството, контактот со земја и вода, многу помага за менталното здравје. Направете си ритуал за садење на цвеќиња, негување и гледање во нив. Мала домашна градина никому нема да наштети.
Ова се само неколку препораки кои може да бидат од помош доколку сте во депресија, а се препораки кои се добри за секој од нас. Грижата за себе е многу важна.
Чувајте се!