Претходно пишував за грижата са себе, а во оваа објава сакам да споделам неколку причини зошто да се сакате себеси и која е уметноста на времето кое го поминуваме сами со себе. Многу често гледаме на тоа како и кога да се состанеме со другите луѓе, а ретко кога и како да се состануваме самите со себе. Секако, не споделувам дека состанувањето со другите не е важно, но самотијата и времето поминато сами со себеси знае да е многу важно и да донесе многу бенефити.
Да се заљубиш во себеси е првата тајна за среќа. – Роберт Морли
Секако, заљубувањето во себе во овој контекст не се гледа како нарцисоидно пореметување и не се однесува на тој есктрем. Кога сме заљубени во некого, имаме тенденција да го сакаме и прифаќаме таков каков што е, несовршен и со многу маани. Така е и со заљубувањето во себеси, да се сакаш и прифатиш себеси таков каков што си, со сите маани и предности. Тоа не значи дека нема да тежнееш кон подобрување на квалитетите и промена во некои нешта, но додека го правиш тоа, го правиш со многу љубов и разбирање.
Сигурна сум дека секој од нас познава некој кој влегува од една во друга врска без пауза. Можеби и ти го правиш истото. Овој процес навистина е нешто кое често се случува, а најчесто таа личност не знае како да биде сама. Секој со својот процес и причина, но дефинитивно е неможност да се биде сам со себе и да се остане во таа празнина. Таа празнина, најчесто, се пополнува со здрава грижа и љубов кон себеси. Освен овој патерн, постои уште еден со кој премногу често се сретнувам: „Зошто толку многу тежнеам другите да ме сакааат и ценат, а кога го прават тоа јас се чувствувам како да не го заслужувам?“
Што би можело да биде одговорот на ова прашање? Ниска самодоверба, ниска љубов кон себе, или? Не знам, но многу е веројатно да е недоволно љубов кон себеси и некакво уверување дека не сме вредни за љубов и почит.
Кога се работи на личен раст и развој, за да се прекине ланецот и да се живее исполнето, важно е да се развијат одредени навики и свесноста за себе и другите луѓе, како и опкружувањето во кое се наоѓаме. Наместо да „дремеш“ на Инстаграм и да гледаш во успешните, убави и паметни жени, погледни во себе и види како можеш да го подобриш твојот живот.
Што ќе ти донесе љубовта кон себе?

Ќе се изненадиш!
Споредувањето со другите понекогаш е многу добредојдено, но понекогаш е ужасна навика која се стекнува во текот на животот. Понекогаш, и една минута помината во споредување знае да трошење на скапоцено време.
Кој гледа надвор сонува, а кој гледа внатре се буди. – Карл Јунг
Ова е извадок од познат психолог Карл Густав Јунг која е кажана многу одамна. Не знам каде и зошто точно, но не е ни важно. Начинот на кој јас ја доживувам оваа реченива е тоа дека луѓето имаат тенденција да сонуваат, замислуваат, споредуваат, бараат во другите луѓе, но забораваат да погледнат внатре во себе и да станат свесни за себеси. Сите ние имаме квалитети, прекрасни карактерни црти, таленти, благослови, итн. Но, како можеме да ги видиме кога гледаме само во другите, а никогаш во себеси?
Споредувањето го става фокусот на погрешната личност. Што таа поседува не е важно. Која сум јас? Дали си ги знам сите мои квалитети?
Се изненадив кога дознав колку сум била храбра, иако целиот живот до тогаш се споредував со моите сестри кои се навистина многу постари од мене, па во моите очи сум била кукавица. Тоа сум го проголтала некако низ растењето и ме исплашило да преземам ризици и да излезам од комфорната зона која сум ја создала многу одамна. Истото важело за многу вештини во кои сум била доста назад поради околината во која се наоѓам, се до моментот кога не сум пораснала и стигнала до одредена зрелост да се изедначам и издвојам во нешто. Но, немало да имам капацитет да го видам тоа доколку не сум почнела да работам на себе. Да гледаме во себе е патување кое воошто не е лесно и знае да пече и боли, но вреди секој миг.
Една нова навика за овој месец – престани да се споредуваш со другите само еден месец и сподели што ќе се случи.
Ќе имаш повисока самодоверба
Самодовербата е посебна и огромна тема на која наскоро ќе пишував, но кога се сакаме себеси повеќе, самодовербата расте. Луѓето со висока самодоверба си веруваат себеси, веруваат во своите капацитети и се свесни за своите слабости. Веруваат во своите вредности и имаат капацитет да се отворат за промена и прифаќање на другите. Луѓето со висока самодоверба се чувствуваат еднакви со другите, а не инфериорни или супериорни. Многу често, оние со ниска самодоверба се соочуваат со многу токсични врски и релации, а многу често се и жртви на одредени структури, како психопатите и сл.
Ќе си простиш и продолжиш напред
Кога се сакаш себеси, ти прифаќаш каква личност си и си простуваш себеси. Понекогаш, да си простиш себеси е многу тешко, но е невозможно доколку не ја развиваш здравата љубов кон себе. Само тогаш постои можност да се одделиш од својата грешка и да не се посистоветуваш со неа. Ти не си твоите грешки.
Ќе ја следиш својата страст
Живот во кој не можеме да ја видиме поголемата цел знае да биде многу празен. Кога се сакаме себеси, не се плашиме да бараме повеќе и да добиваме повеќе. Отворени сме за размена да даваме и примаме, како и да го следиме својот сон и страст.
Го добиваш во животот она кое имаш храброст да го побараш. – Опра Винфри
Многу личности не се свесни колку се прекрасни, колку се вредни и дека заслужуваат изобилство и среќа. Ова се учи низ патувањето на личниот развој. Најголемиот дар кој го имаме е да даваме и да примаме љубов, па оној кој работи на себе нека се подготви за многу љубов.
Стануваш подобра личност
Можеби и најважната причина да се сакаш себеси е токму оваа, да станеш подобра личност. Кој не би сакал да биде подобар? Оној кој се сака себеси, најчесто е многу среќен и исполнет. Но, повторно ќе нагласам дека љубовта кон себеси не е исто што и ароганцијата, егоизмот и себичноста. Не сме себични кога се сакаме себеси, напротив.
Уметноста на времето поминато со себе
Како што споменав и на почетокот, состанок (рандеву, дејт) не е нешто кое мора да се прави меѓу две личности. Напротив, тоа е нешто кое може да го правиме сами со себе, понекогаш. Да се биде сам е навистина нешто кое знае да биде многу продуктивно и потребно за секој од нас. За да го засакаш твојот партнер, прво мора да поминеш време сама со него. Исто е и со љубовта кон себе, за да се запознаеш себе, важно е да поминеш време сама со себе.
Би сакала да нагласам дека да се биде сам и да се биде осамен не е исто. Осаменоста знае да се појави и кога ние не сме навистина сами, а самотијата знае да ни биде одлично друштво и потреба. Времето кое го поминуваме сами со себеси е многу важно за секого од нас. Иако сме социјални суштества кои зависат од заедницата, многу често ни е потребно време само за себе. Време кога ќе излезема на состанок сами со себе, време кога ќе се негуваме и грижиме за себе, време за филм, музика, книга, топол напиток, пишување, одмор, итн. Само во оние моменти кога сме сами ние успеваме да допреме до нашата автентичност и најдлабоките желби на нашата душа. Времето кога сме сами ни дозволува да имаме шанса да се тргнеме од социјалниот притисок и да зачекориме во нашите мисли и емоции. Покрај тоа, времето сами со себе носи различни бенефити, како што се запознавање со себеси, поттикнување на креативност, полнење со енергија и сл.
За некои личности да бидат сами со себеси предизвикува нелагодност и проблем. Најчесто, тоа се должи на немањето доволно искуство да бидат сами, согласно начинот на кој се растени. Исто така, времето само со себеси може да е предизвик и за личности кои се соочуваат со анкзиозност или непријатни мисли и емоции, па така, наместо продуктивно време за себе, тие го поминуваат ова време во грижа. Постои и социјалната стигма која на некој начин времето сами со себе ни го носи како одредена казна.
Доколку се чувствуваме нервозно, анксиозно кога сме во контакт со многу луѓе, премногу сме стимулирани и ни е тешко да се сконцентрираме, времето сами со себе е одличен начин да ги наполниме батериите. Исто така, ова време е време кога можеме да си подариме себеси работи кои навистина ни се потребни.
Кога последен пат си подаривте цвеќе? Имам една драга пријателка која многу често си купува цвеќе самата на себе. Можеби не е ни свесна дека тоа е еден вид на ритуал за љубов кон себеси, како и грижа за себе. Не само што ужива во боите, мирисите и нежноста на цветот, туку таа си дава себеси подарок кој ја поддржува љубовта која ја има кон себе и си дозволува да се чувствува убаво. Јас имам огромна градина на растенија и цвеќиња која ме смирува, па кога сакам да си подарам нешто, ново растение секогаш доаѓа во предвид. А ти? Кога си подари цвеќе сама на себе последен пат? Секако дека ова не мора да биде цвеќе.
Пронајди ја твојата креативност и направи си список на состаноци и подароци кои би сакала да ги имаш.
Ќе споделам неколку примери кои може да бидат одлична инспирација.
Кафе или чај – можеби сакаш да експериментираш со нови вкусови и мириси, па едно убаво кафе или чај испиени сама со себе може добро да ти дојдат.
Книга – книгите ми се еден од омилените начини да си бидам сама со себе. Оваа година си имам ветено дека ќе читам две книги месечно. Порано читав повеќе, но овој период не би можела да стигнам повеќе од тоа, бидејќи читам многу стручна литература која, искрено, не ме опушта многу.
Десерт – па добро, не знам дали секој сака благо… Не ти треба друштво за сладок десерт, уживај и релаксирајсе.
Вечера – излези или направи си дома вечера по твој вкус. Уживај во самиот процес на подготовка на храната и мирисите.
Шопинг – многу жени се колнат дека ова им е омилена активност. Но, наместо механички шопинг, зошто тоа да не биде некој специјален и скап подарок кој не би си го дозволила така лесно?
Топла бања, педикир, маникир, вежбање, вечер на филмови со пуканки, пикник, гледање на зајдисонцето, правење на табла со визии, медитирање, масажа, итн. Има премногу избор, а ова се некои работи на кои во моментов ми текнува. Направи го твојот список, помини најмалку еднаш месечно состанок сама со себеси и провери што ќе се случи.