Стрес

Што е стрес и какви видови на стрес постојат?

Стресот многу често знае да се појави без притоа да покаже видливи симптоми, но тоа што не го гледаме, не значи дека не постои. Тој многу често знае да е скриен зад некоја друга телесна болест, како на пример, болки во желудникот,болки во главата, несакани повреди и слично. Ова е тема на која многу често се зборува, но скоро секогаш се поврзува само со нешто лошо. Но, сакам да знаете дека стресот не е секогаш нешто лошо. Всушност, тој е многу потребен за сите луѓе. Доколку не постои стрес, нема да постои ни задоволство.

Еустрес (добриот стрес) е многу важен стрес кој што е поврзан со надеж, задоволство од животот и активна партиципација. Многу е важно и како самата индивидуа гледа на стресор, но многу често, физичката активност се гледа како еустрес (добар стрес), спортот, групните игри, возење во забавен парк, итн.

Дистрес е обратно од еустрес и тој се перцепира како лошиот стрес. Тој е оној кој го загрозува нашето здравје и означува дека личноста многу тешко се адаптира на стресорите (оние работи кои го предизвикуваат стресот).

Луѓето имаат различен степен на толеранција на стрес. Некои обожаваат адреналински спортови, брзо возење и качување по карпи дури и без соодветна опрема, а други се премногу стимулирани и од страшен филм на телевизија.

Освен овие два типа на стрес, постои и поделба на психо-социјален, трауматичен, акутен, епизодичен и хроничен стрес.

Сакам да ја нагласам потребата од тој еустрес кој е добар за нас и нашето здравје. Скоро секогаш на стресот гледаме како лош, но тој, во суштина, е многу значаен за нас. Спортисти го доживуваат овој еустрес постојано додека тренираат и истиот е многу важен затоа што носи позитивни емоции, чувство на исполнетост, зголемена концентрација, фокус и подобрување на вештините. Сигурна сум дека барем еднаш сте слушнале за бенефитите на физичката активност.

Како стресот влијае врз нас?

Доколку личноста на стресорот гледа како предизвик, таа доживува еустрес. Но, доколку го гледа стресорот како закана, тогаш доживува дистрес. Првото носи зголемена мотивација и задоволство, додека второто носи зголемена грижа, намалување на перформансот, алармантна состојба и сл. Причинителите за стресот се многубројни, дел се внатрешни, како на пример одредена болест или недостаток на одмор и сон, или пак надворешни кои зависат од средината и другите луѓе.

Зошто го нагласувам еустресот како многу важен? Ќе дадам пример со спортист. Најчесто, ако спортистот, на пример, си ја повреди ногата, околината и другите луѓе ќе покажат многу поголемо разбирање. Но, доколку истиот стане капитен на тимот, никој нема да го уважи тој стрес. Да, точно е дека тоа е прекрасно достигнување, но и тоа е еден вид на стресор кој носи многу голема одговорност. Истото може да се случи кога спортистот ќе влезе во некој познат тим каде играат многу добри играчи и се очекува многу од него. Во ваков случај, се случува да овој позитивен стрес се доживее доста негативно кај различни индивидуи.

Истиот пример важи и за други настани, како што се веридба, свадба, станување родител и сл.

Важно е да се уважат и овие позитивни настани кои носат стрес, затоа што на крајот, не е важно каков тип на стрес доживуваме, туку колкав е интензитетот на истиот. Односно, не е важно каков е стресот, туку како ние гледаме и реагираме на него. Најчесто, на еустресот ние реагираме со нешто што го нарекуваме позитивна возбуда, се чувствуваме енергизирани и мотивирани и истиот трае пократко. Од друга страна пак, дистресот трае подолго, доведува до чувство на анксиозност и грижа, носи негативни емоции и ги намалува фокусот и вниманието.

Кога се случува стресен настан, се вклучува реакција која доаѓа од автономниот нервен систем. Стресот го активира симпатичкиот нервен систем кој дава наредба да се испуштат хормони, како што е кортизолот и норепинефринот. Тие ги зајакнуваат сетилата, го забрзуваат пулсот, го зголемуваат крвниот притисок и го носат нашиот мозок во состојба на огромна свесност, додека делот од мозокот кој е одговорен за емоционално смирување и физичка релаксација е преоптоварен. Сите овие хормони и реакции доведуваат до промени во нашата енергија и фокус, како и зголемување на гневот, агресијата и анксиозноста. Во многу ситуации, оваа реакција е потребна за да ни го спаси животот и овој механизам потекнува од праисторијата кога човекот морал да се брани од шумските ѕверки. За жал, мозокот останал ист, иако начинот на живот комплетно се променил, па така, нашиот организам реагира исто и на многу помали дразби кои се далеку од животно загрозувачки.

Кои се најчестите симптоми на стрес?

Стресот се пројавува во најразлични форми и симптоми. Следните симптоми се дел од оние кои најчесто се јавуваат. Доколку имате еден од овие симптоми, тоа не значи дека ситуацијата е алармантна или дека истата нужно се припишува на стрес. Секогаш консултирајте се со вашиот лекар доколку забележите било каква промена за која не сте сигурни од каде доаѓа.

  • Зголемен/Намален апетит;
  • Инсомнија/Хиперсомнија (проблеми со спиењето, кошмари или тешкотии да се разбудите);
  • Користење на алкохол, цигари или дрога за да се релаксација;
  • Зголемена потреба за слатки и чоколадо;
  • Крвави непца;
  • Болки во желудникот и стомакот;
  • Акни;
  • Болка во градите и забрзан пулс;
  • Студ;
  • Неможност да се концентрирате;
  • Постојана загриженост;
  • Сува уста;
  • Ладни или испотени дланки и/или стапала;
  • Лошење и нагони за повраќање;
  • Повраќање;
  • Зголемена нервоза и нетрпеливост;
  • Намалена продуктивност;
  • Забрзан говор;
  • Анксиозност;
  • Чуство на оптовареност;
  • Нервозни навики како грицкање на ноктите, играње со косата;
  • Намалено ниво на енергија;
  • Тензични мускули;
  • Стискање со забите, итн.

Како да се справиме со стрес?

Додека еустресот носи позитивни промени, кои понекогаш може да не преплават, сепак во оваа фаза ние разумно размислуваме и имаме подобро внимание, додека дистресот носи досада, збунетост, апатија, прегорување и дезорганизирано однесување. Преголемиот стрес носи негативни последици. Но, и премалку стрес има негативни последици. Затоа е пожелно да се трудиме да искусуваме што е можно повеќе еустрес во животот, а најдобриот начин за тоа е дефинитивно физичката активност. Стресот кој е во здрава доза и контрола прави да се чувствуваме среќно и продуктивно, па затоа, важно е да внимаваме да живееме свесно и да планираме цели и поставуваме приоритети во животот. Постојат многубројни начини за справување со стрес, но ова се некои кои докажано помагаат на многумина и секој може да ги применува сам. Доколку ниту еден од овие начини не е успешен, секако, побарајте стручна помош.

Планирајте – организираните луѓе полесно се справуваат со стресот затоа што не мора да памтат, туку запишуваат. Запишете ги сите задачи кои треба да ги завршите во текот на денот и на тој начин нема да заборавите ништо.

Поставете приоритети – доколку веќе имате план, пожелно е во самиот план да ги ставате вашите приоритети. Доколку забележите дека некои денови листата е предолга, фокусирајте се на главните три приоритети кои се најзначајни за вас.

Пишувајте дневник – ова е секогаш добра идеја која се покажала многу успешна и многу луѓе ја практикуваат во текот на целиот живот. Кога немате со кого да разговарате, се срамите, многу сте тажни или среќни, пишувањето на двеник може да биде вашиот издувен вентил. На овој начин, не само што ќе го уважите и намалите стресот, туку и подобро ќе се спознаете себеси.

Дајте си пауза – одморете се од сите обврски барем 30 минути секој ден. Оваа пауза може да биде и подолга доколку се чувствувате навистина лошо. Во ред е да не правите ништо продуктивно одреден период ако не се чувтвувате добро и ви треба време. Способноста да сме концентрирани максимално се движи во интервал од 30 до 45 минути, па затоа, правете чести паузи од било какви активности после 45 минути.

Физичка активност – не заборавајте дека физичката активност е најдобар начин за справување со стресот. Пешачете, пливајте, танцувајте, планинарете, возете се на велосипет, ролерки, тротинет. Шетајте го вашиот миленик во парк или едноставно средете го домот. Чистењето е исто така еден вид на физичка активност, а самото средување на околината во која престојувате знае да биде многу смирувачки.

Спиете повеќе – проблемите со сонот се едни од најчестите знаци дека сме под голем стрес. Квалитетен сон е многу значаен за да се справиме со стресот.

Преуредете го местото каде најдолго престојувате – Секоја промена носи позитивни емоции, па уредување на просторот знае да делува смирувачки и мотивирачки.

Слушајте музика – вашиот омилен жанр. Музиката делува релаксирачки на мозокот, а исто така и танцот кој е дел од физичката активност. Измислете песна или мелодија која ќе ви биде среќна и повторувајте ја кога се соочувате со нешто кое ве вознемирува.

Повеќе време во природа – секое време кое е слободно може да се помине во природа. Поврзување со растенијата, животните, земјата, ветрот и звуците на природата е огромен лек за стресот. Сега, во време на пандемија, нема подобар начин да се дружите на дистанца во природа, да ги слушате птиците, жуборот на реките, виењето на ветрот или капките дожд. 

Хранете се здраво – храната богата со витамини и минерали помага во справување со стресот. Исто така, црната чоколада е здрава верзија на слатки која помага да се лачи ендорфин кој е природен борец против стресот. Исто така, не заборавајте да се хидрирате и да пиете доволно вода.

Разговарајте со некого – разговорот со родител, партнер или пријателите многу често знае да делува смирувачки. Во ред е да разговарате за сето она што ве мачи.

Слушајте се себеси – што е она што ви е потребно во моментот? Ние секогаш знаеме што ни е потребно, но брзото темно на живот ни ја одзема таа природна моќ која секој од нас ја поседува. Земете си малку време за себе и слушнете си го телото, умот и душата. Најдете го најдобриот начин кој ќе ви помогне да се справите со стресот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *