Приказната за бамбусот

Пред неколку месеци ја прочитав приказната за бамбусовото дрво и многу ми се допадна. Не знам како стигнав до неа, но мене ми дојде во вистинското време, а се надевам дека и тебе. Се надевам дека и тебе ќе те промени оваа приказна и ќе ти помогне да останеш доследна на себеси. Бескрајно сум благодарна што ја најдов, а сега сакам и ти да ја знаеш…

Ова е приказна за љубовта, надежта и вербата!

Еден ден, еден фармер посакал да засади кинески бамбусови дрвја и манго на неговата фарма. Одлучил на едната страна од фармата да засади бамбусово дрво, а на другата страна да засади манго дрвја. Ги подготвил дупките за да почне со садење и ги пополнил со ѓубриво и квалитетна земја. Потоа, тој ги засадил семињата и ги полеал со вода.

Секој ден, фармерот се грижел за семето кое го посадил, редовно ги наводнувал, ги потхранувал и бил доследен во својата работа. После неколку недели, фармерот бил многу среќен затоа што делот кој бил посаден со дрвја манго веќе покажал раст. Така знаел дека семињата се фатиле и почнале да растат. Но, на страната на бамбусот тој не можел да види никаков знак на живот. И покрај тоа, тој продолжил да се грижи за двете страни на фармата подеднакво.

После една година, неговите манго дрвја растеле убави и здрави, благодарение на грижата која фармерот им ја пружил. Одминале и две години, а фармерот продолжил да се грижи за двете страни подеднакво, иако страната на која бил засаден кинескиот бамбус не покажувала знаци на растење. Понекогаш, фармерот помислувал и да се откаже од грижата за бамбусот. Си велел „ Дали да продолжам да се грижам и за овие бамбусови дрвја? Поминаа повеќе од две години, а јас ништо не гледам, дури ни мал знак над земјата нема. “

На крајот од третата година, тој веќе дочекал неговите манго дрвја да расцутат. Тој бил пресреќен затоа што знаел дека наскоро ќе ужива во плодовите од неговите дрвја. Четвртата година, дрвјата манго му подариле на фармерот прекрасни плодови. Од бамбусите ни трага ни глас. Се прашувал дали семето угинало под земјата и се чувствувал дека дефинитивно не успеал во одгледувањето. Бил многу обесхрабрен, но и покрај тоа тој одлучил да продолжи да ги наводнува и да става прихрана. Си велел „ Јас одбрав многу добри семиња бамбус, дупките ги копав многу внимателно, земјата ја подготвив најдобро што знам, ги посадив со многу љубов и се грижам за нив многу години, па затоа нема да се откажам од нив. “

После пет години, едно утро, додека се шетал на фармата и си размислувал како дрвјата манго веќе му даваат плодови, а бабусовите семиња не растеле, почнал да чисти тревки од делот каде биле засадени бамбусите. Многу се изненадил кога забележал пукнатина на земјата и мал знак дека бамбус почнува да расте. „Тие се живи!“, извикал среќно. Ги проверил сите дупки каде ги засадил бамбусите и секаде имало по мала пукнатина. Сите успеале да ја распукаат земјата и да никнат. Со огромна благодарност, фармерот си помислил како ова е прекрасно, ова е чудо, ова е надеж.

Продолжил да си ја работи работата и да се грижи за двете страни од фармата подеднакво. Бил изненаден кога за само шест недели бамбусите израснале високи, повисоки од дрвјата манго.

Тој сега имал и манго и бамбус. Понекогаш, тој ги користел гранките од дрвјата, си изградил мала колиба и си направил мебел од бамбусовите прачки.

Еден ден, се случила голема несреќа. Силен ветер, ураган, го зафатил местото каде што живеел. Тој многу се разочарал и дури изгубил и надеж и верба во животот. Едно утро, после закрепнување од несреќата, отишол да ја провери фармата. Сите манго дрвја биле уништени, откорнати од ветрот од земјата и паднати. Неговите бамбусови дрвја стоеле високо на земјата, недопрени од ураганот. Тоа му ја вратило вербата во животот и му дале надеж да го почне животот одново. Тој сфатил дека во тие пет години бамбусите растеле длабоко во земјата. Тој не можел да го види нивниот раст затоа што корените биле закопани во земјата. Бамбусовите дрвја преживеале во големата несреќа од ураганот бидејќи нивните корени биле силни и длабоко закопани во земјата.

Вербата на фармерот да продолжи да ги негува, посветеноста да го прави тоа толку долго, иако гледал многу побрз раст на другата страна е тоа што му дало многу подоцна. Ние некогаш не можеме да ги видиме плодовите од некои работи брзо, но важно е да веруваме во процесот и да останеме доследни и дисциплинирани. Важно е да имаме надеж и да не се откажуваме иако во одреден момент не гледаме резултати. Во животот, сите нешта се случуваат по одреден редослед. На бамбусот, на пример, му се потребни многу години за да порасне. Човекот е моделиран од културата, знаењето, условите и околностите. Секој од нас има различно темпо на раст и развој. Некој расте побрзо емоционално, некој физички. Некој е добар во спорт, некој во математика. Не можеме сите да ги ставиме во иста рамка, туку важно е да сме свесни за различностите. Затоа, наше е да дознаеме кои сме, во што сме добри и која е нашата цел. Да се почитуваме меѓусебно, различни и уникатни. Бамбусот не растел како што фармерот очекувал, па така и во животот, работите не се одвиваат согласно нашите очекувања. Во животот некои периоди не подготвуваат и за несреќа, а не само за берење плодови. Доколку сакаме да останеме добри и во време на несреќа, ние мораме да си го дадеме тоа време за нашите корени да пораснат силни. Тоа е она кое е нашето оружје во случај на несреќа.

Животот е приказна, приказна на процесот да станеме она што треба да бидеме. Мораме да останеме отворени за добро и за лошо во животот, затоа што животот е динамичен. На крај, да бидеме свесни дека зависи од нашите избори. Избор да бидеме или да правиме, да живееме или да умреме, да патуваме или да се откажеме… Сети се на личност која е како фармерот и не се откажува. Сети се и на некоја која не личи на фармерот, а која тешко се справила со ураганот во животот. Никогаш не се откажувај!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *