Организација и планирање, чекор кон подобро ментално здравје

Организацијата почнува со убав планер.

Паметниот запишува– будалиот памти. Дали сте ја слушнале оваа народна поговорка?

Во неа се крие огромна мудрост. Правени се огромен број на истражувања и се

докажало дека запишувањето на целите и организирање на денот, неделата, месецот

помагаат да се насочиме полесно кон нив, го држат фокусот онаму каде што треба, а

на тој начин нема потреба да памтиме премногу работни задачи затоа што истите се некаде

запишани. Вашиот планер може да е обична тетратка, бели листови или да биде

сместен во вашиот мобилен телефон. Препорачувам користење на апликацијата

Trello (целосно бесплатна) која нуди многу можности, а има опција и да споделите

одреден план со некој друг (на пример списокот за пазарење може да е споделен

со сопругот па да штиклирате кои намирници се веќе купени за дома, итн.). Ова

заштедува време и многу хартија, но секако, пишувањето со рака е далеку

поавтентично.

Што треба да содржи добар планер?

Не постои добар или лош планер доколку е во склад со нашите приоритети. Одреден период од животот во планерот може да има место само за чистење и готвење, на пример, додека кај некого може да е исклучиво работа и кариерата. Но, кога сме премногу насочени кон едно нешто, тогаш ние не сме организирани добро, туку сме организирани само во едно поле, додека другите аспекти од нашиот живот се распаѓаат. Целта на доброто планирање е да бидеме свесни дека опсесивното планирање е непријатно искуство и не е нешто кое би сакале да го постигнеме. Напротив, поентата е да се организираме со помош на алатки кои ќе ни дозволат да имаме доволно време за спонтаност, одмор, релаксација, грешки, одлагање и слично. Добар план значи простор за грешки, притоа да не биде нарушена целта.

Планерот може да има место за домот, детето, вас, семејството, кариерата (работните задачи), значајни датуми, време за ментално и физичко здравје. Но, покрај секоја цел која стои, значајно е да поставите систем. Односно, системот (налик мапа) како би работеле кон остварувањето на одредената цел. На пример, целта е среден и чист дом.

Системот би изгледал некако вака:

– Секоја вечер по 20 минути средувам низ домот

– Секои два/три дена ја пуштам машината за садови

– Понеделник, среда и петок ја пуштам машината за алишта

– Секоја недела го чистам тоалетот генерално

– Секои два дена ја чистам кујната

– Секои два месеци донирам/фрлам работи кои не ми се потребни, итн.

Овој систем, секако, за секого е различен. Јас го споделувам само како пример за да може да се разбере подобро што значи системското планирање. Кога имате одредени денови и одредено време за чистење, полесно е да се придржувате кон тоа. Системот е низа од мали задачи кои доколку ги правите константно, никогаш нема да имате потреба да вложувате премногу енергија во остварување на одредена цел. Кратките задачи не одземаат премногу време. Како мајка, ова е единственото нешто кое мене лично ми помага (не секогаш) да останам доследна на плановите и системите кои јас ги имам поставено.

Зошто? Затоа што тие мали задачи може да се прават и кога спие бебе или кога е присутно и поголемото дете, па дури и да ги користам тие мали цели како интересна активност за помош во домот и да ги правиме заедно. Согласно возраста на детето, истото може да добие одредени работни задачи и одговорности во домот. Тие нему ќе му бидат забавни, помагаат да стекне одговорност, а вас ќе ви дадат доволно време за да ја постигнувате целта.

Системот нема крај, значајно е да е во склад со вас и вашите потреби. Невозможно е да постојат исти правила за сите, ние сите живееме различно, имаме различни животни искуства и околности. Сосема нормално е и овие системи да се менуваат и да подобруваат од време на време. Рутината која се создава не може да е иста со мајка на новороденче, со мајка на тодлер или со мајка на веќе големо дете, како ни со мајка на едно, две, три, четири деца. Не е исто дали мајката работи, работи од дома или воопшто не работи. Дали има сопруг, дали сопругот е присутен, има или нема воопшто помош од околината. Истото важи и за жена која нема дете, работи, учи, работи и учи, не работи, итн. Системот е нешто кое е ваше да го направите. Најголемата грешка која ја правиме е да следиме нечив туѓ систем. Тоа е дефинитивно сигурниот пат кон пропаѓање.

Многу често зборувам за утринската рутина и нејзината значајност. Сакам да посочам неколку важни работи кои ги знам за рутините. Прво, има причина зошто рутината се става на почеток на денот, но јас би нагласила дека истото може да се постави и на крајот на денот. Доколку сакате да останете посветени на одредена рутина, најдобро е да биде тоа рано наутро пред да започнат работните задачи или доцна навечер пред спиење. Зошто? Доколку направите рутина која е на средна на денот, на пример, после работа, многу е веројатно дека често пати ќе искрсне нешто и истата нема да се оствари.

Многу е помала веројатноста одредена рутина да се наруши од надворешен фактор доколку е на почеток или крај на денот. Не е нужно да се поврзете со одреден час, туку со одреден ДЕЛ од денот. Нема потреба да станете во 5 часот наутро за да ја примените рутината. Или доколку решите да станете во 5 часот натро – зошто станувате во 5? Која рутина треба да се направи за да раното будење воопшто биде продуктивно?

Целта на раното будење е да имате доволно време и помалку време за изговори како би:

– Поминете време во тишина (медитација, релаксација, свесно дишење, молитва)

– Поминете време во позитивно размисување, позитивни афирмации и полнење на

енергијата)

– Поминете време во визуелизација ( кратка ментална прошетка низ работните

задачи кои ви следуваат тој ден)

– Поминете време во вежбање (30 минути јога, трчање, велосипед, прошетка, кардио)

– Поминете време да прочитате книга (секој ден по 30 минути читање и едукација)

– Поминете време во планирање на денот (запишување на работните задачи, вашите

остварени цели, идни соништа, што е она на кое сте благодарни и било какво друго

запишување).

  • Ова го споделувам како некои активности кои се препорачуваат со движењето на раното будење, а не како нешто кое навистина мора да се направи.

Истото може да се практикува и ако станете во 6, 7, 8…. Важно е да биде дел од рутина, доколку е во склад со вас. Исто така, доколку решите да станете рано, а сте легнале доцна – раното станување нема да има поента. Најважно е да сте наспани. За добро ментално здравје, за позитивни мисли, намалување на анксиозноста или било која психичка појава, најзначајно е спиењето и редовниот ОДМОР. Кога сум кај одморот, прво нешто кое секое планирање мора да го има е да се испланира време за одмор, а доколку се прави годишно планирање, да се испланираат празниците, летниот и зимскиот одмор, патувања и слично. Повеќе за ова во друга прилика.

Кога правите систем за расчистување на домот, одредете како ќе го правите тоа. Идеално е да биде на секое тримесечје. Повеќе за ова следната прилика.

Сега ќе споделам како би изгледале препораки за систем за родителство.

· Вклучете го детето од најмала возраст во учење на свесно и длабоко дишење

· Раскажувајте му позитивни приказни кои се поучни и за вас и за него

· Наметенете му здрава рутина утринска и вечерна која е во склад со вашата (и

вашата со неговата)

· Зборувајте отворено за сите емоции, покажете му дека и вие ги имате

· Фокусирајте се на емоционалниот развој, наместо на бројки, букви и факти (тие

работи секако ќе ги учи на училиште)

· Научете го да ја сака природата и физичката активност

· Бидете пример за здрава исхрана

· Читајте книга паралелно со него (можеби тоа нема да „чита“, но доволно е да гледа

дека мама е занесена во нешто интересно и со текот на времето ќе му се создаде

љубов кон книгите и знаењето)

· Бидете смирени – кога сме во хаос, најчесто доцниме, кога доцниме, стануваме

анксиозни, тогаш и децата се анксиозни

· Учете ги на вештините кои вие ги знаете

Доколку ги погледнете овие препораки, сигурна сум дека секоја од вас ќе најде најмалку 10 идеи како да ги имплементира во план или одредена рутина, како би се организирала подобро.

Еве еден краток пример:

Почнувате со наметнување на утринска рутина, миење лице, заби, пресоблекување. Продолжувате со здрав доручек кој го подготвувате заедно како би го научиле на некоја вештина која и вие ја знаете, пред спиење раскажувајте му приказна која е позитивна и поучна за вас и за него. Секоја (скоро) недела одете на планинарење, а после секој тантрум, непријатно искуство или кавга, заедно дишете длабоко и покажете му и вие како се чувствувате.

Зошто го споделувам ова? Затоа што е одлично освестување дека ние сите живееме по одредени системи, а она кое ни е потребно за да сме поорганизирани е само нивно освестување и мали или поголеми промени.

Сите системи во животот се надополнуваат еден со друг. На пример, здравите навики на кои го учите детето се и за вашата грижа за себе.

На Инстаграм ви поставив прашање, каде најмногу имате проблем со организација. Ќе ги споделам прашањата и нивните одговори.

Не знам од каде да почнам.

Почнете од дневник за себерефлексија. Доколку сте тип кој е премногу хаотичен и во моментов не знае каде и што сака, почнете со слободно пишување. Една недела запишувајте ги вашите несвесни системи, како се будите, што правите во текот на денот, како легнувате. Дали деновите се исти/слични или немаат никаков ред? После овој дневник на себерефлексија кој е секако пожелно и убаво да си го практикуваат сите, почнете со еден систем кој е најзначаен за вас.

  1. Физичко здравје
  2. Исхрана и суплементи
  3. Емоционална состојба
  4. Самодоверба
  5. Личен раст и развој
  6. Околина
  7. Семејство
  8. Социјални односи
  9. Партнер
  10. Кариера
  11. Финансии
  12. Радост, игра и авантура

Ова се неколку полиња на добросостојба кои се најчести кај сите од нас. Кое од овие 12 ви е најзначајно? Може да додадете и повеќе, јас ги споделувам само најчестите. Може да стои некое како домот, децата и слично.

Тоа кое ви е најзначајно е местото за почеток. Направете систем кој во овој момент ќе одговара и може да почнете.

Како да се организирам со мало бебе, кога не знам ништо однапред што ќе се случи?

Со бебе може да постојат некои рутини кои се стабилни. На пример, спие тогаш и тогаш, станува тогаш и тогаш, цица толку пати и сл. Во кое време од текот на денот имате помош и поддршка? Во тој истиот период може да се направи некаков систем за да се организирате подобро. Но, овде сакам да споделам нешто многу важно, а тоа е дека со мало бебе е период кога е многу ранлив и многу важен, па најмалку нешто што е потребно е некоја одлична организација и голема продуктивност. За мајката со мало бебе, продуктивност е да се одмори, да има доволно млеко или сила да го нахрани,  да успее да испере, пружи, испегла, здипли и да се грижи за себе и бебето. На мало бебе, најчесто мајката му е примарната личност која му пружа грижа и затоа го нагласувам тоа. Ова прашање е одлично затоа што тоа не е само период со мало бебе, туку има и многу други периоди од животот кога сме ранливи и некои работи се приоритети.

Веќе имам споделено дека кога се планира и организира се тргнува прво од потребите, а потоа од желбите. Во моментот кога ќе се испланираме според потребите, системот ќе има смисла и ова прашање ќе се одговори.

Не знам како да останам доследна и истрајна во реализација на планот.

Имаше многу вакви прашања, не сакам да планирам, не знам како да истраам, не можам да сум дисциплинирана, на работа додека сум ќе испланирам нешто, па дома истото не важи, не знам како да го распоредам времето.

Се согласувам дека 24 часа се многу малку понекогаш за сите желби и потреби. Затоа, важно е да си ги знаеме нашите потреби и прво нив да ги задоволуваме, особено примарните, а потоа да одиме на желбите. Замислете на работа да нема менаџер и сите да работат што стигнат, да сте потполно хаотични и да доаѓате кога сакате, колку сакате…. Имаше споделување „не сакам кога морам да исполнам нешто“ –  на кого водите инат? На мама, тато, баба? Децата често се тврдоглави и не исполнуваат задачи кои им се кажуваат за да почувствуваат контрола, моќ и слобода. Но, кога планираме сами за себеси, зошто да постои истата тврдоглавост? Во моментот кога ќе си расчистиме со себеси, ќе си негуваме здрава љубов кон ссебе и ќе знаеме што е она кое ни е потребно , како и она кое го сакаме во животот, ќе почнеме да сакаме да сме исполнителни. Докажано е дека штиклирањето на завршени задачи помага во мотивација, а дисциплината е нешто кое бара наша воља. Убав трик за истрајност е после одредени мали победи да се наградувате себеси. Ве молам тие награди да не се што било. Многу често наградите може да бидат непотребна храна, непотребна облека и сл. Поентата е да биде тоа награда која ќе ве мотивира дополнително. Нешто кое е здраво и добро за вас. Секако дека тоа може да е храна, но гледајте да е  тоа некоја добра храна, нешто што нема да си го дозволите и слично. Да не биде тоа награда која несвесно се случува, ете денес исчистив и средив се дома, сега може да си седнам, да пуштам ТВ и да си каснам повеќе од што треба. Тука е многу важна свесноста и системите. Но, доколку наградата е специфична, нешто кое многу ви е потребно или имате огромна желба, ќе сте внатрешно мотивирани и подисциплинирани.

Што кога ќе ти пропадне планот и не можеш да се вратиш назад?

Зошто да  не можеш да се вратиш назад? Од која причина пропаднал? На пример, доколку пропаднал затоа што искрснало нешто, а сепак е возможно да се случи, тогаш продолжете како ништо да не било. На диета сте, сте биле на слава и сте изеле многу повеќе од што треба? Па следниот ден на гости пак сте си јаделе повеќе? Потоа киселини сте имале и пак сте вечерале? Ништо страшно, продолжете си како ништо да не било. Што ќе сменат неколку денови, па дури и недели? За некои цели и планови, дури и неколку години не пречат. Сосема е во ред да имаме паузи измеѓу целите и соништата. Што да речат мајките на породилно?

Но, доколку планот не е возможен од Х причини, тогаш е време за нов систем. Враќањето назад нема да се случи, туку е време за различен систем. Барајте помош, поддршка, личности кои може да ви се најдат и не правете ригидни планови, премногу ограничени со време.

Некои нешта мора да се со време многу ограничени, но некои може да се само во одреден блок часови во текот на денот. Односно, во склоп на некоја рутина, како утринската или вечерната.

Како ова не би било предолго, јас ќе завршам тука, а следниот пат ќе споделам за годишно планирање и организирање, како да знаеме кога претеруваме и како да сме мотивирани преку целата година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *